Работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана со однесувањето на работникот (лична причина на страна на работникот) или ако причината е заснована на потребите на функционирање на работодавачот (деловна причина).
Доколку работодавачот го откажува договорот за вработување, должен е да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истата да ја наведе во образложението.
Неосновани причини за отказ
- Членство на работникот во синдикат или учество во синдикални активности во согласност со закон и колективен договор;
- Поднесување на тужба или учество во постапка против работодавачот заради потврдување на кршење на договорните и други обврски од работниот однос пред арбитражни, судски и управни органи;
- Одобрено отсуство заради болест или повреди, бременост, раѓање и родителство, нега на член на семејството и неплатеното родителско отсуство;
- Користење на одобрено отсуство од работа и годишен одмор;
- Отслужување или дослужување на воен рок или воена вежба и
- Други случаи на мирување на договорот за вработување утврдени со овој закон.