Во голем број случаеви, единствената причина зошто не сте повикани на интервју за работа е вашето CV, а не недостатокот на знаење
Со цел да ви помогнеме при вашето идно вработување, ви посочуваме десет најважни правила до кои треба да се придржувате ако сакате да имате добро напишано CV.
CV-то треба да биде на максимум две страници, а една е иделано
Знаеме дека сакате да ги покажете сите ваши знаења и искуства во своето CV, но тоа е доста тешко со оглед на тоа што идеалното CV треба да биде на максимум две страници. Совет: Во вашата кратка биографија фокусирајте се да ставите информации кои се поврзани со вашите вештини, знаења и искуства потребни за моменталната позиција за која аплицирате.
Фотографијата во вашето CV ви помага
Иако, никој нема да донесе одлука врз основа на вашиот изглед. Лицето кое ги разгледува кратките биографии има поголеми шанси да ја меморира вашата слика, отколку информациите за вашето последно работно место. Сепак, бидете внимателни со фотографиите. Не секоја слика што ја имате на Фејсбук или Инстаграм е добра за оваа немана. Совет: Ставете професионална фотографија во вашето CV.
Немојте да одите со генеричко CV
Повеќето луѓе имаат една генеричка кратка биографија која ја праќаат на повеќе работни места. Прилагодете го вашето CV на специфичната позиција за која аплицирате бидејќи секоја работа бара посебни вештини. Совет: Пред да испратите CV, издвојте 10 минути за да ги прилагодите информациите за позицијата за која аплицирате. Тоа сигурни ќе ве оддели од останатите кандидати.
Употребувајте вообичаени формати
Постојат неколку заеднички формати за креирање CV (на пример Europass) и би било добро да користите некои од нив. Не измислувајте топла вода со некои специјални формати затоа што ќе го комплицирате целиот процес за себе, но и за лицето кое ве вработува. На личноста што ја чита вашата биографија треба да и дадете чувство на благосостојба, а не да се изгуби во читањето. Совет: Користете добро познати и лесно читливи формати и прилагодете ги со истакнување на најважните информации.
Реални вештини пред хронологија
При читање на вашето CV, на регрутерот секогаш ќе му бидат поважни вештините и како тие се вклопуваат на работното место, отколку претходното искуство и хронологијата. Вистината е дека, на крајот, се е важно, но вештините кои ги поседувате се клучна работа од која на крајот ќе зависи дали ќе ја добиете работата или не. Нагласете ги на почетокот, а потоа споменете го работното искуство и образованието. Совет: Болдирајте ги зборовите што сакате да ги искомуницирате (не претерувајте) и направете го вашето CV почитливо.
Внимавајте на временскиот тек на настаните
При набројување на своите знаења, вештини и искуства, започнете од најновиот датум па до најстарите. Ова најчесто се однесува на оние биографии во кои листите се долги и никого не интересира каде вие сте работеле пред точно 10 години. Совет: Запишувајте ги информациите почнувајчи од денес па наназад.
Отстранете ги нерелевантните делови од вашето CV
Без оглед на тоа колку сертификати поседувате, споменете ги само оние кои се поврзани со моменталната позиција за која аплицирате. Совет: Изберете 3-5 најважни сертификати коишто сметате дека се најважни за позицијата на која се пријавувате.
Инфографиците се супер
Луѓето се суштества кои сакаат да визуелизираат: една слика вреди повеќе од 1000 зборови. Инфографиците може да му заштедат време и на читателот. Замислете дека креирате графикон кој ги прикажува сите програмски јазици што ги познавате (оска x) и колку добро го познавате секој јазик поединечно (оска y). За само 2 секунди сте успеале на вашиот потенцијален работодавач да му ги објасните своите вештини без притоа да мора да потроши 5 минути на читање. Совет: Ако има смисла, вметнете инфографици. Внимателно да не претерувате бидејќи никој не сака да гледа во сликовница наместо CV.
Заборавете ги датумите
Дали постои разлика ако сте завршиле факултет во мај или јуни пред десет години? Или има ли разлика во тоа дали сте работеле шест години или шест години и три месеци на претходната позиција? Овае информации само го уништуваат изгледот на вашето CV и го отежнуваат читањето. Месеци, па дури и само години би било доволно. Совет: Деталите понекогаш се непотребни – фокусирајте се на суштинските информации.
Не го “пумпајте“ вашето CV, и пред се, немојте да лажете
Ако вашето CV го наполните со лаги, лесно може да бидете откриени уште на првото интервју. Еден од примерите во практиката е кога некој пишува: “Големо искуство и знаење на C#, Java, javaScript, Scala… Како и да напишете, вашите вештини на крајот ќе бидат ставени на тест и ќе се дознае колку навистина ги познавате работите. Совет: Имајте на ум дека интервјуто за работа ќе ви го прават вистински професионалци кои ја знаат вашата работа.