Секое утро се будите со помислата „Не ми се оди на работа, нека заврши денов“? Не сте задоволни од платата, условите, опкружувањето? Немате можност за напредување на сегашното работно место?
Можеби е време да најдете нова работа!
Ако сте исплашени да ја напуштите својата работа, запомнете дека тоа што сте несреќни, неефикасни и незадоволни ќе направи многу повеќе штета на вашата кариера отколку давањето отказ. Значи, ако секојдневно се борите со себе и со својата работа, пред да кажете „ДОСТА Е, СИ ОДАМ!“, направете го следното:
1. Истражете што е тоа што не ви се допаѓа во врска со вашата работа
Направете листа на работи во кои сте уживале на вашата работа и листа на работи кои довеле до ситуацијата да сакате да ја напуштите. На овој начин ќе знаете што точно треба да барате кога ќе ја започнете потрагата по нова работа.
2. Дознајте кои се вашите вештини
Многу е важно да знаете во што сте добри, но и кои ви се слабите страни. Направете уште една листа на квалитети и вештини што ги поседувате и кои може да ви помогнат да бидете успешни на работа.
Не знаете од каде да почнете? Најдоброто нешто што може да го направите е да прашате некој близок за тоа што мисли за вашите вештини.
3. Вратете се „во форма“
Ако поминало повеќе време откако сте завршиле со образованието а во меѓувреме не сте посетиле никаков курс или обука, можно е „да сте паднати“ кога станува збор за вашите вештини. Земете онлајн курс и едуцирајте се повеќе на темата што ве интересира. Денес постојат и многу бесплатни курсеви, така да, не барајте изговори и почнете веднаш. Ќе бидете посигурни во себе, ќе научите нешто ново и ќе имате нешто плус за во вашата биографија.
4. Заштедете малку пари
Ако планирате да дадете отказ, осигурајте се дека ќе имате доволно на вашата сметка за да фукнционирате додека трае потрагата по нова работа. Не си дозволувајте да останете без пари и да мора да прифатите било што. На тој начин може многу лесно повторно да се доведете во иста ситуација.
Можеби ќе ја најдете работата од вашите соништа, но како почетник ќе имате помала плата од оваа што ја земате сега. Осигурајте се дека имате заштеда и не двоумете се да прифатите и таква понуда.
На овој начин ќе можете да ги следите вашите соништа без постојано да мислите на вашата банкарска сметка.
5. Споделете ја вашата идеја за нова работа на вашата мрежа од контакти
Никогаш не знаете кој може да ве изненади со добра понуда и каде ве чека вашата шанса, но доколку луѓето не знаат дека барате нешто ново и подобро, нема ни да ви понудат.
Давањето отказ може да звучи страшно, но ако ги земете во предвид овие пет чекори или било која комбинација од нив, ќе бидете на добар пат до кариера од соништата.