Од денес, први април Управата за јавни приходи, започнува со доставување на претпополнетите годишни даночни пријави за остварени приходи во 2018 година. Оваа постапка е нова и се воведува од годинава.
Како конкретно ќе се одвива и што да очекуваат граѓаните? Во текот на месецот, граѓаните треба да добијат нотификација на мејл адресата за доставена претпополнета пријава на нивниот профил во електронскиот систем на даноци. Потоа, најдоцна до 31 мај треба да ја потврдат пријавата или да извршат корекции.
„Комуникацијата помеѓу регистрираните физички лица кои се регистрирани на системот еперсонален данок и Управата за јавни приходи ќе се одвива преку електронски пат и граѓаните нема да имаат потреба да одат на даночните шалтери. Граѓаните ќе имаат можност за увид во податоците коишто се наведени во претпополнетата пријава, со цел да ги потврдат или коригираат податоците. Даночниот обврзник својот одговор во смисла на корекции или потврда ќе може да го испрати преку електронски пат“, објаснуваат од УЈП.
Доколку граѓаните не испратат возвратен мејл до УЈП, ќе се смета дека пополнетата годишна даночна пријава е потврдена. Во случај на заборавена лозинка за влез во системот е-ПДД, граѓаните ќе можат да се обратат во контакт центарот на УЈП од каде ќе добијат нова лозинка со којашто ќе може да го користат системот.