Лидл, добро познатиот германски ланец на супермаркети, планира во Грција до крајот на мај 2019 да затвори 14 свои непрофитабилни продавници, при што најмалку 900 работници ќе останат без работа.
Димитрис Гурунис, извршниот директор на Лидл во Грција, изјавил неодамна за „Катимерини“ дека во компанијата во последните неколку месеци дошло до значаен пад на прометот што кулминирало во октомври 2018 година.
Падот на прометот најмногу ги погодил продавниците во некои од летувалишта како и на локации кои во текот на летната сезона благодарение на туристите успевале да бидат профитабилни. Меѓутоа, како што наведува Гурунис, тоа не било доволно, бидејќи истите продавници на преостанатите 8 месеци годишно работеле со голем минус.
ЛИДЛ маркетите според наводите на овој весник ќе се затвораат во две фази: 10 маркети ќе бидат затворени до крајот на мај и преостанатите 4 до почетокот на септември.
Четиринаесет маркети кои ќе бидат затворени се наоѓаат во следните места: Афитос, Никити, Јерисос, Неа Мудања, Неа Каликратеа, Лефкас, Паралија, Лептокарија, Аспровалта, Аргостоил-Кефалонија, два на островот Крф и два во Кавали.
Првиот ЛИДЛ супермаркет е отворен во 1999 година во Солун под име на Лидл Хелас. Покрај маркетите АБ Василополус, Скалавенитис, и Масоутис, ова е најголемиот ланец супермаркети во Грција.
извор: faktor.mk