Причините за зголеменото паѓање на косата можат да бидат генетски, но за ова допринесуваат и други фактори, а ова се најчестите шест.
Недостаток на витамините А и Д
Освен што го одржуваат нашето здравје, витамините се важни и за здравјето на косата. Доколку се чудите зошто одеднаш косата ви паѓа повеќе, причината може да биде недостаток на витамините А и Д, недостаток на железо или некои други важни нутритиенти.
Стрес
Стресот веројатно е втората најчеста причина за паѓањето на косата. Косата може да почне да паѓа околу шест недели до три месеци по стресен настан или траума. Не е необично косата да паѓа и во поголеми прамени. Паѓањето на косата по стрес е привремено и доколку ве загрижува можете да разговарате со лекар.
Затегнато врзување
Доколку косата често ја врзувате во опаш или пунџа, причината може да биде и ова. Овој тип на паѓање на косата се случува кога фоликулите се трауматизирани од постојано цврсто врзување поради одредена фризура. Тенките плетенки кои се врзуваат околу главата, цврсто врзан опаш, екстензии, можат да бидат причина за паѓање на косата.
Пилули за контрацепција
Хормоните може да доведат до одредени промени во организмот, а оралната контрацепција може да предизвика опаѓање на косата поради хормонските промени. Важно е да знаете дека било кои лекови или терапија која влијае на хормоните, вклучувајќи ги тука и пилулите за контрацепција, може да предизвикаат паѓање на косата.
Породување
Веројатно најголемите хормонални промени во женското тело се случуваат при породувањето. На многу жени по породувањето им опаѓа косата, но ова е привремено и не треба премногу да се грижите. По неколку месеци ќе почне да ви расте нова коса и ќе ја имате цврстината и волуменот како и претходно.
Менопауза
Како што веќе кажавме, хормоналните промени влијаат на опаѓањето на косата. Забрзаното паѓање или тенчење е почесто кај жените во менопауза и перименопауза, поради промената на нивото на хороните. Кога нивото на естрогенот и тестостеронот се менува во овој период, овој дисбаланс влијае на опаѓањето на косата.