Неофицијално, 7 мај, вторник, ќе биде прогласен за неработен ден бидејќи цел град ќе биде блокиран. Станува збор за посета на досега најважна светска личност и не смее ништо да се остави на случајноста. Ова ќе биде голем тест и за нашите безбедносни сили, велат извори за весникот Вечер.
Секој милиметар од трасата по која ќе се движи папата Франциск при неговата посета на 7 мај е под сериозна безбедносна контрола. Иако, официјално, не се објавува никаква информација, освен агендата што е објавена на веб страницата на www.papa.mk, институциите го кријат во тајност секој чекор, сепак откако поради безбедносни причини деновиве беа заварени и затворени шахтите во центарот на градот, полициски екипи ги контролираа и становите во сите околни згради во центарот на Градот и во околината на Католичката црква.
-Во четвртокот претпладне, двајца полицајци ни заѕвонија на врата и ни зедоа детални податоци, не само име и презиме туку и матичен број. Го разгледаа станот, особено ги интересираше на која страна гледа и не прашаа дали ако е потребно би дале дозвола да се снима од нашиот стан. Не кажаа ни зошто, ни што, вели пензионер од кулата на улица Македонија, до хотел Бристол. Угостителите и станарите во близина на Католичка црква пак, добиле инструкции на 7 мај да ги затворат прозорците и ролетните на објектите.
Неофицијално дознаваме дека 7 мај, вторник, ќе биде прогласен за неработен ден бидејќи цел град ќе биде блокиран.
-Станува збор за посета на досега најважна светска личност и не смее ништо да се остави на случајноста. Ова ќе биде голем тест и за нашите безбедносни сили, велат извори за весникот Вечер.
Од полиција не добивме официјален одговор, освен дека се прават неопходни безбедносни мерки. На официјалната промоција на овој многу значаен настан за државава, државниот секретар во МНР, Виктор Димовски посочи дека ако дозволат временските услови, се разгледува и опција папата со автомобил да се прошета низ главниот град и да ги поздрави граѓаните и верниците. Тоа, ако се изземе од предвид карактерот на папата кој редовно ги прекршува строгите протоколи, им задава дополнителни главоболки на организаторите. Секогаш мора во ракав да имаат и план „Б“, па дури и „В“, велат извори за весникот Вечер.