Интервјуто за работа знае да биде мошне стресна ситуација, особено ако навистина сакате да ја добиете работата. Но, независно од тоа колку ви значи таа работа, лажењето никогаш не е опција бидејќи многу лесно може да бидете откриени.
Иако интернетот е преполн со приказни на луѓе кои успешно излажале за време на интервју и се извлекле од тоа, лажењето е ризична стратегија со големи реперкусии. Веројатно си мислите дека ако малку го напумпате вашето образование, работното искуство или вештините кои ги поседувате нема да си направите никаква штета, но грешите бидејќи живееме во време кога многу лесно може да се проверат сите информации кои се наведени во вашето CV.
Со други зборови, постојат многу подобри начини за да ги истакнете своите способности и работно искуство, без притоа да се ставите себеси во непријатна ситуација. Еве некои конкретни работи за кои никогаш не треба да лажете:
Образование
Колку пати досега сте размислувале да ставите во вашето CV дека имате повисок степен на образование? Дури и да поминете на интервју, пред да ве вработат задолжително ќе сакаат да ја видат вашата диплома, а доколку работодавачот открие дека сте се обиделе да го измамите, сметајте дека вратата во таа компанија ви е засекогаш затворена.
Достигнувања
За време на интервјуто, регрутерот со сигурност ќе ве праша за вашите претходни проекти. Повторно, изгледа примамливо да ги зголемите вашите достигнувања сметајќи дека нема да ве откријат. Но денес, луѓето во светот на човечките ресурси имаат голема мрежа на луѓе и многу е лесно да се јават на некој свој познаник и да прашаат: “Еј, дали оваа личност навистина го направи тоа што ми го кажува?“.
Колку заработувате
Разговорот за плата е еден од најсложените делови од интервјуто за работа. Регрутерите, многу често знаат отворено да ве прашаат колку заработувате на тековната позиција. Секако, имате право да не одговорите на ова прашање, или пак, да кажете дека заработувате “конкурентна плата во рамките на вашата индустрија“. Нема да погрешите и доколку понудите опсег. Сепак, доколку навистина ви значи да ја добиете работата, немојте да претерате со износот (да биде далеку поголем од тоа што моментално го заработувате) бидејќи голем дел од компаниите имаат свои информации за тоа како се движат платите во рамките на вашата индустрија.
Се прашувате колку заработуваат другите за вашата работа? Дознајте на MojaPlata!
Што сакате да работите
Со ова прашање регрутерот има намера да ги открие вашите страсти и цели. Но, доколку му кажете на регрутерот дека ви се допаѓа нешто што всушност не сакате да го правите, верувајќи дека ќе си ја зголемите вашата шанса за вработување, може брзо да резултира со катастрофа бидејќи може да бидете вработени конкретно за таа работа.
Дали сте добиле отказ
Ако сте добиле отказ на вашата последна работа, не лажете. Секако, не мора тоа да го откриете самите, но доколку ве прашаат зошто сте ја напуштиле вашата претходна работа, подобро е да бидете искрени. Кажете дека не сте можеле да се вклопите во организацијата, дека сте научиле некои добри лекции и дека сте подготвени да продолжите понатаму. Бидете особено внимателни да не кажете нешто негативно за време на вашето интервју за поранешните шефови или соработници бидејќи тоа ќе се одрази лошо на вас.