Најголемиот број работобаратели бараат и наоѓаат работа преку огласи за вработување кои се објавени на веб портали за вработување или пак непосредно преку свои познаници, и тоа како реакција на тековната понуда на пазарот, односно отворените работни места за кои компаниите бараат кандидати за да ги пополнат.
Меѓутоа, ако сте силно “загреани“ за некоја компанија, а истата таа компанија во моментот нема активни огласи за вработување, тогаш може да се обидете со малку поинаков пристап со кој ќе му покажете на посакуваниот работодавач како можете да придонесете за неговиот успех.
Најдете соодветен контакт
Емаил-от на вистинската личност која е одговорна за процесот на вработување во компанијата е од големо значење. За почеток, потрудете се да дојдете до таа информација.
Истражете го посакуваниот работодавач
“Скенирајте“ го веб сајтот на компанијата, обидете се да поразговарате со вработените, па дури и со тие кои работат во конкурентните компании. Дознајте повеќе за дејноста на работодавачот и обидете се да ја вклопите својата улога во сето тоа.
Претставете се на најдобар начин
На крајот, следи најважниот дел, а тоа е добро да се “продадете“ себеси, односно да испратите е-пошта која ќе го увери работодавачот дека треба да ви даде шанса. Освен формално претставување, за кое можете да ги искористите елементите од своето CV, важно е да ги нагласите вашите вештини со кои сметате дека можете да придонесете во развојот на компанијата. Пронајдете проблем и решете го. Предложете новини за кои сметате дека на компанијата ќе и бидат од корист. Не се плашете да ја покажете својата креативност.
Добрата работа е што во овој случај немате што да изгубите, а може да добиете многу. Ако ништо друго, вашиот емаил и порака остануваат во архивата на компанијата и ако не ви се насмевне среќата веднаш, тоа може да се случи подоцна кога ќе се отвори работно место како за вас.