Џеф Безос пронајде нов начин за да ги помести границите како стратешки изумител.
Најбогатиот човек на платената е познат во јавноста по своите неконвенционални бизнис одлуки. Оваа недела, Амазон им понуди по 10.000 долари на вработените кои сакаат да дадат отказ за да започнат со сопствен бизнис за достава.
Ваквата одлука произлегува од новата програма за партнерски услуги на Амазон која привлече десетици илјади апликанти, меѓу кои има и такви кои моментално работат во Амазон.
За тие што се спремни да започнат сопствен бизнис, Безос одлучи да им даде финансиски поттик од 10.000 долари како награда за преземениот ризик.
Ако се гледа само номиналната вредност на парите, овој финансиски поттик изгледа како лош бизнис за Амазон. Но, овој потег е одличен пример за тоа како жртвувањето на краток рок може да донесе победа на долг рок. Еве три причини зошто е тоа така:
Луѓето кои размислуваат за отказ треба да заминат
Проблем број еден со кој се соочуваат голем број компании е кога вработените се решени да си одат, но остануваат во компанијата со месеци, па дури и години, бидејќи не се доволно мотивирани да бараат работа или се плашат од ризикот од неуспех. Овие вработени се поштетни од оние кои веднаш ќе дадат отказ – тие се незадоволни и честопати се случува да го шират тој став кон своите колеги.
Не мора да значи дека сите вработени во Амазон кои аплицирале на програмата за партнерство размислуваат за отказ, меѓутоа разумно е да се очекува дека нивната желба за да започнат со сопствен бизнис ќе расте со текот на времето. На овој начин, Амазон им овозможува на своите вработени да ја напушат компанијата под добри околности за двете страни, наместо да станат незадоволни и непродуктивни.
Добрите вработени можат да станат уште подобри бизнисмени
Некои луѓе едноставно не се создадени да работат за некој друг, освен за себеси. Впрочем, тоа најдобро го знае Џеф Безос. Некој што сонува да започне свој бизнис е многу веројатно да го направи тоа во одредена фаза од својот живот. Ако Амазон има вработен кој ќе перформира подобро во својата компанија и кој ќе изгради компанија која ќе стане важен партнер на Амазон, тогаш е попаметно на тој вработен да му се дадат средства за да го оствари својот сон.
Ја унапредува долгорочната визија на Амазон
Важно е да се знае дека оваа одлука на Безос не е само иновативен начин за управување со талентите. Една од долгорочните стратешки цели на Амазон е да создаде значителен број партнери за достава со цел да стане помалку зависен од FedEx и UPS. Со поттикнување на вработените да започнат свои компании, Амазон инвестира во вистинските партнери што му се потребни градејќи меѓусебно партнерство засновано на поддршка и доверба.
Безос и неговиот тим признаваат дека постигнувањето на долгорочната цел бара целосно да се посветат на тоа и да ги поттикнуваат активностите што водат кон таа цел – дури и ако тоа значи да се жртвува на краток рок. Безос се обложува дека сегашното трошење на пари за да се изгради мрежа на партнери за достава ќе се исплати експоненцијално во иднина.
Инаку, Џеф Безос отсекогаш ценел три главни принципи во Амазон: вредноста на купувачот, брзината на испораката и цената. Тој смета дека со овој потег ќе се унапредат сите три принципи врз база на кои функционира неговата компанија.