Популарните гејмери кои пренесуваат игри во живо добиваат и до 50.000 долари на час за да играат нови игри.
Најпопуларните професионални играчи на платформите како Twitch и YouTube заработуваат до 50.000 долари на час за да играат нови видеоигри, стои во извештајот на The Wall Street Journal.
Професионалните играчи како што се Tyler “Ninja” Blevins и Michael “Shroud” Grzesiek имаат милиони следбеници и нивните преноси имаат десетици илјади гледачи во секое време.
Издавачите на видеоигри ги плаќаат за да ги промовираат нивните игри наместо да се потпрат на традиционалните маркетинг методи.
Успешните гејмери со милиони следбеници често поминуваат и до 12 часа дневно играјќи една игра. Десетици илјади гледачи ги гледаат во живо во секое време, а издавачите на видеоигри се повеќе го препознаваат ова како најуспешна маркетинг алатка за промовирање на нивните продукти.
Тоа е така бидејќи тие постојано се во контакт со нивната публика и нивните впечатоци се често искрени, дури и кога се платени од страна на креаторот на видеоиграта.
Директорот на Night Media Inc., Рид Духшер, за WSJ изјави деак гејмерите кои постојано имаат 15.000 или повеќе гледачи за време на преносот во живо, можат да заработат помежу 25.000 и 35.000 долари на час за да играат нови игри.
Поголемите играчи можат да заработат уште повеќе врз основа на големината на нивната публика.
Со повеќе од 14 милиони следбеници, Tyler “Ninja” Blevins важи за најпопуларниот стример на Twitch. Иако е најпознат по тоа што ја игра играта “Fortnite“, Blevins наводно добил милион долари за пренос во живо на играта “Apex Legends“, игра која неодамна излезе и е дело на еден од најголемите играчи во индустријата на видеоигри, “Electronic Arts“.
Ninja и Fortnite заработуваат милиони заедно
Blevins не беше единствениот бидејќи “Electronic Arts“ плати десетина други популарни стримери за да ја играат оваа игра на денот на нејзината промоција.
Некои од нив добија можност да ја играат играта во затворен амбиент пред да биде пуштена во јавност. Групата споделуваше рани впечатоци од играта користејќи го хаштагот #ApexPartner на социјалните мрежи, што значеше многу за нејзината промоција.
И покрај лансирањето без напреден маркетинг, кампањата #ApexPartner и помогна на “Apex Legends” во првите 24 часа да добие повеќе од милион играчи.
Во моментов, играта има повеќе од 50 милиони играчи и е втора најпопуларна игра на пазарот, веднаш после “Fortnite“.
Се повеќе и повеќе издавачи му пристапуваат на играњето во живо како важен дел од нивната маркетинг стратегија. Минатиот октомври, Blevins накратко се префрли од “Fortnite“ на “Call of Duty: Black Ops 4“, неколку дена пред и по излегувањето на играта и се појави на промотивните настани кои ги водеше издавачот “Activision“.
The Wall Street Journal објави дека “Take-Two Interactive“ планира сличен потег во септември за играта “Borderlands 3“, а францускиот издавач “Ubisoft“ ќе користи идентична стратегија за “Ghost Recon Breakpoint“.