Веќе неколку години по ред, Дрекслмајер преку поддршка гради партнерство со младите на патот кон нивниот успех.
И годинава седум студенти од техничките факултети при државните универзитети во земјава, добија стипендија од компанијата Дрекслмајер. Стипендистите се во четврта година од студиите на Машинскиот факултет во Скопје и Техничкиот факултет во Битола.
Помеѓу многуте кандидати, горд сум што сум еден од избраните студенти кои ја добија оваа стипендија. Финансиската поддршка е важна, но сепак многу поголем предизвик и шанса гледам во можноста за практичната работа во областа на автомобилската индустрија, рече на доделувањето на стипендиите Александар Костов, студент на Машинскиот факултет во Скопје.
Програмата вклучува месечен паричен надоместок за еден семестар, како и двомесечна пракса во компанијата. За време на практичната работа, секој од студентите добива конкретен проект за чија целосна реализација е задолжен ментор.
Драго ми е што сум дел од менторскиот тим на избраните стипендисти. Како поранешен студент на Машинскиот факултет во Скопје би сакала да истакнам дека ова е одлична можност апсолвентите да го направат првиот чекор во својата професионална кариера и теоретското знаење практично да го применат во областа на автомобилската индустрија. Проектните задачи кои ги осмисливме се интересен предизвик и се надеваме на креативни и применливи решенија, рече Ивана Талеска одговорна за одделот Индустриско инженерство во фабриката Дрекслмајер, Кавадарци.
Преку многубројни програми и проекти, Дрекслмајер ја следи својата долгорочна стратегија за поддршка на образованието на младите луѓе, но и нивниот професионалниот развој преку понуда на работни позиции од разновидни стручни насоки.