Првото интервју помина одлично, а потоа не ве викаат на второ – знаете ли зошто?
Колкупати досега ви се случило одлично да поминете на телефонскиот скрининг или иницијалното интервју за потоа да добиете краток и љубезен одговор дека не сте поминале во следната фаза од процесот на регрутација? Сигурно се прашувате: “Што направив погрешно?“.
Некои кандидати испраќаат повратен мејл со цел да ја дознаат причината за нивното отфрлање, меѓутоа многу често остануваат без одговор.
Целиот тој процес на одбивање неминовно доведува до пад на вашата самодоверба и криза во кариерата што дополнително го отежнува процесот на барање работа.
Зошто е тоа така и каде е проблемот?
Многу е веројатно дека сте завршиле добра работа на првото интервју. Меѓутоа, проблемот не е во тоа дали сте успеале да оставите добар впечаток, туку во тоа дека процесот на вработување е доста непредвидлив. Еве три причини поради кои не успевате да дојдете до второ интервју:
Недостаток на релевантно работно искуство
Целта на првото интервју е да се процени длабочината на вашите знаења и вештини кои се бараат во индустријата во која работите. Имајте предвид дека секоја компанија е различна така што може да се случи и покрај тоа што ги исполнувате условите наведени во огласот, компанијата да процени дека не сте доволно добри за да ви се понуди работа. Тоа не значи дека вие не сте способни да ја завршите работата, туку дека се појавил друг кандидат со подобра професионална позадина од вашата.
Компанијата го променила курсот
HR менаџерите и другите професионалци кои го водат процесот на вработување многу често знаат да ги променат своите преференции во однос на идеалниот кандидат по првиот круг на селекција. Тоа е така бидејќи често се случува иницијалното интервју да му помогне на раководителот да го одреди вистинското ниво на вештините и искуството кое е потребно за работата. Замислете како му е на регрутерот кога понекогаш мора да распише нов оглас кој ќе одговара на новите барања од неговиот надреден.
Другите кандидати имаат интерни поддржувачи
Најдобриот адут кој може да го имате кога поминувате низ процесот на вработување е тоа некој од внатре да делува како ваш промотер. Станува збор за колеги, соработници и партнери со кои некогаш сте соработувале и можат да порачаат дека вие сте одличен кандидат. Имајќи некој кој ќе гарантира за вашето искуство и карактер му помага на HR Менаџерот да визуелизира како ќе се вклопите во културата на компанијата.
Поентата што сакаме да ја постигнеме во овој текст е дека не можете да знаете која е вистинската причина за тоа зошто не сте повикани на второ интервју и дека никогаш не треба да се обвинувате исклучиво себеси за тој резултат. Запомнете дека ниту една компанија не ве одбива во крајност, туку ви вели “не во моментов“. Ниту една компанија не ги отпишува кандидатите после едно интервју. Бидете во тек со новите огласи за вработување и не се откажувајте. На крајот на денот ако тоа е компанијата каде што сакате да работите, играјте на долги стази.