Граѓаните кои ќе патуваат од Скопје до Штип ќе плаќаат вкупно три патарини, а тие кои патуваат за Грција ќе имаат плус две нови патарини на автопатот Демир Капија – Смоквица.
Оваа одлука се донесува заради воведување на наплата на патарина на новите автопатни правци Демир Капија – Гевгелија, Миладиновци – Свети Николе, и Свети Николе – Штип, како и заради можноста за електронска наплата на патарината со електронски безконтактни смарт картици, и со билети за ненаплатена патарина со налог за плаќање.
Инаку минатата година во државната каса од наплата на патарини на 9 делници се инкасирани 40,5 милиони евра што е за 5 проценти повеќе од претходната година.
Дополнително, на предлог на Министерството за финансии, Владата вчера го усвои Предлог на Закон за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем наменет за финансирање на Проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот VIII и автопатот Миладиновци – Штип, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта.