Славица Трајковска и Ирена Ѓоршев се дел од тимот на Вработување.ком едната 14 а другата 7 години - заедничко им е тоа што уште на самиот почеток ја почувствувале мотивирачката атмосфера во компанијата и ентузијазмот за напредок кој постоел уште на самиот старт. Денес, секоја во својот сектор ги решава предизвиците и ужива во успесите во компанијата која годинава одбележува 16 години постоење
Славица Трајковска е една од првовработените во Вработување.ком. Во компанијата е преку 14 години почнувајќи како администратор на веб страницата во далечната 2004 па стигнивајќи до денешната позиција раководител на секторот за регрутација и селекција.
Основната дејност на овој сектор е да врши идентификување, регрутирање, привлекување, како и селекција на потенцијални соодветни кандидати за менаџерски, специјалистички, административни и оперативни работни позиции во приватни, локални и странски компании во Македонија.
Интервјуто со Славица го започнавме навраќајки ја на нејзините почетоци, денес таа со насмевка и некоја носталгија“ зборува за првите канцеларии од 20 м2 и нејзиниот прв ден на работа.
- Многу години и настани поминаа од тогаш, но се сеќавам на 15-ти ноември 2004, прв ден од мојот ангажман како волонтер во Вработување.ком. Колешките кои веќе беа вработени, ми посветија време и енергија да ме воведат во дејноста на агенцијата, услугите во посредување при вработување кои ги нудеше за своите тогашни клиенти – компании како и начинот на зачленување на работобарателите-членови. Моите први задачи беа совладување на основно администрирање на тогаш првата и единствена онлајн берза на труд www.vrabotuvanje.com.mk. Позитивен и мотивирачки прв ден, кој ми го одржа ентузијазмот што ми помогна во годините кои следеа со континуиран развој и силно темпо во Вработување.ком.
Со почетниот ентузијазам и желбата за напредок комплетно подготвена да учи и да стекне знаење за областите кои и се далечни со оглед на тоа што е од технички – инженерски факултет .Еве како течел нејзиниот кариерен пат во Вработување.ком...
- Започнав како администратор на нашата веб страна и преку конктинуирно учење се развивав во регрутер, специјалист за регрутација и предселекција, предавач/обучувач (за теми врзани за методи и техники за активно барање на работа, самовработување-претприемништво, развој на бизнис идеа, комуникациски способности, основни и напредни продажни вештини во малопродажба, основи на менаџирање) и денес сум раководител на секторот.
А на прашањето што Славица смета дека е нејзин најголем успех во рамките на Вработување.ком одговара вака:
- Најголем личен успех е тоа што како рамноправен и значаен член од јадрото на Вработување.ком кој сиве овие години, почнувајќи од речиси start up фазата па до денес, допринесов компанијата да ја изградиме во организација од речиси 40 вработени во неколку сектори и понатаму продолжуваме со развој.
Успеав, со личен труд и континуирано надоградување и со поддршка и инвестирање во мене од страна на сопствениците, од технички – инженерски образуван профил да се развијам во искусен кадар во областите на човечки ресурси, организациски менаџмент, градење и развивање на релации со клиенти.
Предизвиците од надвор неминовно биле многу во изминативе години бидејќи пазарот на труд и тоа како се сменил, но што е она што и бил предизвик внатре во фирмата на Славица?
- Ќе ги издвојам како најголем и позитивен предизвик континуираните двогодишни интервали на создавање на новите сектори со често пати идентификување и прераспределување на квалитетни потенцијали од редовите на менторирани и развиени вработени од секторот регрутација и селекција.
Интервјуто со една од “староседелците“ во компанијата, професионалец кој со своето залагање и стабилност допринесува да се продолжи со континуиран раст на секторите и воопшто компанијата, го завршивме со прашањето “Ако треба со еден збор да го опишете Вработување.ком кој би бил тој?“
Без двоумење Славица Одговори: РАЗВОЈ.
...Опишувајќи ја компанијата со три збора: иновативност, доверба и стабилност го започнавме интервјуто со психологот Ирена Горшев која со драго срце се потсети на првиот ден кога пристигнала во Вработување.ком:
- Кога ќе се присетам на првиот работен ден првото на ум што ми доаѓа е чувството на возбуда кое го почувствував кога за прв пат се запознав со целиот колектив и новиот работен предизвик. Пред себе видов една динамична атмосфера која беше прилично стимулативна, и можам да кажам дека таа атмосфера сеуште ме мотивира.
Со оглед на фактот што во земјава професијата психолог не доволно е искористена во рамките на знаењата со кои располагаат Ирена вели дека можноста за еден прихолог да работи применета психологија во рамките на компанија која постојано расте е навистина голем предизвик и задоволство. Па така, таа за свој личен успех го смета тоа што во повеќе наврати успеала да ги поврзе практиките од психологијата во вид на истражувања, тестирања и слично и да им најдаме примена во човечките ресурси.
Почнувајки токму од секторот на Славица, Ирена веќе 7 години е во Вработување.ком, а во последните четири години е одговорна за новоформираниот сектор за организациски консалтинг.
- Овој сектор произлезе од растечката потреба за развој и унапредување на компаниите и нивните вработени како во Македонија , така и во регионот. Нашата визија е да креираме долгогодишни партнерства кои се базираат на доверба и континуиран организациски развој. Ние се грижиме за системите, процесите и пред се за човековиот фактор, кој како најважен ресурс го претставува столбот на секоја компанија.
Секторот за организациски консалтинг дејствува на пазарот во и надвор од границите на Македонија веќе 4 години. Во тие 4 години се соочиле како сектор со многу предизвици кои пак ќе развијат многу уникатни продукти кои како решенија биле имплементирани во повеќе од 30 компании во Македонија, како и надвор од неа. Токму за тоа Ирена вели дека за неа најголемиот успех е
- Довербата која ја стекнав од луѓето со кои соработувам во и надвор од компанијата
Стекнувањето на довербата е нешто што се гради постепено и тешко, но мора да биде континуирано и да се истрае во предизвикот - токму затоа Ирена како најинтересен предизвик го изнесува создавањето на тимот за организациски консалтинг.
- Во секојдневното работење се соочувам со најразлични предизвици, кои ме развија и созреаа првенствено како човек, а потоа и во професионална смисла. Но, она што беше најинтересен предизвик и на кој посветив најголем дел од моето време беше креирањето на тим со кој ќе ја делам љубовта и страста кон оваа работа.
Навистина е убаво чувството кога до вас имате тим кој пристапува на секојдневните предизвици со ист ентузијазам како и вие, заклучува Ирена.