Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за набавка на печки на пелети. Граѓаните што ќе купат печки на пелети заклучно со 21 мај 2018 година, ќе добијат дел од трошоците за набавка во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Овој повик ќе се реализира по принципот “прв дојден, прв услужен”.
Градот Скопје го објави овој јавен повик за да се унапреди квалитетот на воздухот и да се намали загадувањето на воздухот, особено од партикуларните честички од затоплувањето на домовите што не се приклучени на централното греење.
Предноста на користењето на пелетите е повеќекратна, и тоа: Поголема калориска моќност,; Минимално загадување на воздухот; Продуцирање на помала количина пепел; Се продаваат во рефус варијанта, во кеси од 15 кг, заради што набавката може да се одвива континуирано, по потреба; Не е потребен голем простор за складирање и чување. Повикот беше објавен на 5 април 2018 година и е предвидено да трае 45 календарски дена, заклучно со 21 мај 2018 година, или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена. Досега до Град Скопје се поднесени 163 барања за субвенции.