Нотификациите, автоматските надградби на софтверот и роаминг разговорите може да ви го уништат одморот со високата телефонска сметка. Бидејќи летото го буди патникот во секој од нас, еве неколку начини како да се заштитите од големите трошоци...
1. Исклучете ја Data roaming опцијата
Кога патувате надвор од вашата држава, првата работа што треба да се направи е да се исклучи Data roaming опцијата. Роамингот се активира кога го користите телефонот во мрежа што не припаѓа на вашиот провајдер, а Data roaming значи дека користите сервиси како интернетот или и-мејл на мрежата во странската држава.
Ако имате потреба да проверите мејл или сакате да сурфате на интернет, најдобриот начин е да влезете во некој од рестораните или хотелите каде што има бесплатен WiFi интернет.
Data roaming опцијата може да ја најдете во подесувањата за мрежата на вашиот телефон и внимавајте да биде исклучена кога патувате, пишува Mashable.
2. Исклучете ги нотификациите
Во некои ситуации, ќе имате потреба од интернет додека сте во странство, но не и од нотификациите од социјалните мрежи и разните сервиси. Корисниците на iPhone можат да влезат во Settings > Mail, Contacts, Calendars > Fetch New Data и да ги исклучат нотификациите или пак посебно да ги изгаснат апликациите што нема да им требаат.
Оние што имаат Android уреди, можат да го направат тоа преку Settings > Accounts & Sync и да ја исклучат Auto-Sync опцијата.
3. Купете роаминг интернет пакет
Повеќето мобилни провајдери нудат опција за купување на роаминг интернет пакет кој може да се користи кога сте надвор од државата без огромните трошоци.
4. Внимавајте колку податоци сте преземале
Ресетирајте ја опцијата која мери колку податоци сте потрошиле во одреден период. На тој начин ќе знаете дали сте го потрошиле роаминг интернет пакетот односно уште колку ви останува.
Ако имате iPhone ресетирањето може да се направи преку Settings > General > Usage> Cellular Usage. Кај корисниците на Android тоа е малку потешко и потребно е инсталирање на дополнителна апликација во зависност од провајдерот.
5. Купете локална припејд SIM картичка
Оваа опција може да биде најлесната, но може да биде и проблематична. Лесна е бидејќи единствено што треба да направите е да застанете до првото тобако или продавница на некој од операторите, за да купите картичка и безгрижно да го користите смартфонот и за разговори и за интернет. Сепак проблемот е што ќе имате друг број, а ако уредот ви е заклучен само на мрежата на операторот од кој сте го купиле, оваа опција е недостапна. Пред да тргнете на пат, проверете кај операторот дали вашиот телефон може да користи SIM картички од други оператори и не би требало да имате никакви проблеми.