Денеска и во наредните два дена целата држава ќе биде зафатена со температури од жолта, алертна, фаза. Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, под влијание на топол бран утре, 2 јули, и в среда, 3 јули, максималните температури насекаде ќе бидат над 30, а на повеќе места ќе надминат и 35 степени.
Зголемената влажност на воздухот ќе придонесе да се има чувство дека температурите се повисоки од измерените. Од среда до петок во попладневите часови ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи.
Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури: да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината, консумирање лесна храна и течности, посебно да се внимава при подготовка и консумирање на храната, како и да избегнуваат термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца и внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Исто така, потребно е внесување поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Во текот на ваквите екстремно топли денови, МЗ препорачува да останете во затворени простории, пред сè климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на пропишаната терапија.