Фотографите, баристите, шанкерите и готвачите оваа сезона ќе имаат можност да заработат повеќе пари на крајбрежните дестинации бидејќи потребата од странски работници е голема, а за одделни работни места се нудат плати и до 2.000 евра!
Македонските работници ќе имаат можност значително да ги наполнат своите паричници оваа година бидејќи најблиските крајбрежни дестинации, Хрватска и Црна гора, се соочуваат со дефицит на работна сила. Според познавачите, голем број од слободните работни места ќе бидат пополнети со работници од Македонија, Србија и БиХ.
Од друга страна, Грција не е толку отворена за регрутација на нова работна сила бидејќи ефектите од економската криза се се‘ уште присутни во земјата меѓутоа работа може да се најде, особено за дефицитарните занимања.
Хрватска има потреба од готвачи
Хрватското крајбрежје има голем недостиг од готвачи и помошен персонал во кујна па така за еден готвач работодавците се подготвени да платат од 1.800 до 2.000 евра.
За да работите како главен готвач, потребно ви е повеќегодишно работно искуство, додека оние кои што немаат искуство ќе можат да работат како помошни готвачи. Работата на помошниот готвач вклучува сецкање намирници, чистење риба и помагање на главниот готвач, а за тоа се добива околу 700 евра.
Иста сума на пари добиваат и продавачите на брза храна, како и продавачите на сладолед.
Важна информација за сите кои бараат работа во Хрватска е фактот што хрватските работодавци на своите идни вработени им обезбедуваат дозвола за работа и престој.
Келнерите се дефицитарни во Црна Гора
Кафулињата, рестораните и баровите во Црна Гора бараат голем број работници, а келнерите со и без работно искуство можат многу лесно да најдат работа во некои од локалите кои се наоѓаат на брегот. Врз основа на огласите, може да се забележи дека платите се движат од 400 до 500 евра.
На крајбрежните ресторани исто така им се потребни готвачи, а тие што ги исполнуваат условите за оваа работа ќе добијат плата од 1.500 евра.
Во Грција се бараат фотографи, келнери и шанкери
Ако веќе се решивте за Грција, оваа година ќе имате најголеми шанси да најдете работа како фотограф, келнер или шанкер. Платата зависи од локацијата, односно островот на кој работите, а просечните месечни примања се движат од 1.000 до 1.500 евра.
Луксузните грчки хотели оваа година имаат потреба од фотографи. Во зависност од тоа што работодавачот ќе побара од фотографот и колку сесии тој треба да направи во месецот, платата се движи од 800 до 1.500 евра. Секако, и за оваа работа е неопходно да се има претходно искуство.
За работа во Грција, потребно ви е одлично познавање на англиски јазик, а претходното искуство на работата за која аплицирате се смета за голема предност.
Барате работа во странство?