Цената на стандардниот приклучок за електрична енергија од 1 септември годинава ќе се намали од 500 на 400 евра, а со новите мрежни правила за дистрибуција што наскоро ќе ги одобри Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе се зголеми опфатот на стандардни приклучоци, потврди денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
-Тоа значи дека и во оние општини каде од разни причини советите не донеле соодветна планска документација, што беше предуслов за да се стекне некој со правото за „стандарден приклучок“, ќе може да се стекнат со таков статус новите корисници кои ќе се приклучуваат на мрежата доколку се утврди дека има изградено повеќе куќи и има повеќе потенцијални баратели. Со тоа нема повеќе да влегуваат во категоријата „нестандардни приклучоци“ и да добиваат трошок за приклучување од три, четири, пет, па и шест илјади евра во зависност од побараната едновремена моќност, оддалеченоста од мрежата и од реалните трошоци на операторот на дистрибутивниот систем, туку ќе плаќаат 400 евра за приклучок на мрежата, појасни Бислимоски.
Претседателот на РКЕ прецизира дека најголем број на вакви потенцијални корисници има во тетовскиот, гостиварскиот и реканскиот крај и додаде дека тие или веќе ги легализирале своите бесправно изградени објекти или го почнале процесот на легализација.
-Има општини што немаат донесено соодветна планска документација и детални урбанистички планови, а од увидот што го вршиме на терен, кога добиваме жалби, гледаме дека веќе се изградени куќи. Сметаме дека таму нема проблем операторот на дистрибутивниот систем да си ја планира својата мрежа, бидејќи ги гледа новите потрошувачи. Нема потреба да бидат оштетени овие категории на граѓани и да плаќаат високи трошоци за нестандардни приклучоци, туку треба да влезат во категоријата стандарден приклучок, појасни Бислимоски.
Токму денеска РКЕ на подготвителна седница ги разгледува мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија, а во изминатиот период одржа јавна расправа и повеќе состаноци со заинтересираните страни кои имаа забелешки на овие мрежни правила, како и со операторот на дистрибутивниот систем.