„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и се обработуваат теми од секојдневниот живот коишто ќе ви помогнат да си го подобрите вашето лично и професионално работење. Коментарите за неделните совети, можете да ги пишувате на нашата Facebook - страница: MACEDONIA-EXPORT.
Неколку пати, во минатиот период, кога разговарав со пријатели за одмор и тоа како на сите ни треба малку опуштање, релаксирање и тргање од секојдневните проблеми, се постави прашањето за тоа, како е можно да одиме на одмор и вистински да се посветиме на одморот. При тоа да не мислиме на работата и одговорностите што сме ги оставиле зад нас.
Во секој случај, овој неделен текст, освен тоа што го пишувам како мотивација за самиот себе, се однесува и за оние кои имаат проблем со оставање и заборавање на работите дома.
Што може да направиме со цел, колку толку, да ги намалиме врските со работните одговорности и да се посветиме максимално на одморот:
- Завршување на тековните активности: активирајте се малку повеќе пред да одите на одмор и гледајте да ги завршите тековните обврски, да не оставате „опашки”. Исто така, ако може, делегирајте и дел од задачите на конкретни колеги. Секако, со детални инструкции и насоки за нивно извршување.
- Out-of-office нотификација: колку толку може некои од соработниците ќе видат дека сте на одмор, па нема да ви пишуваат или да ви се јавуваат.
- Ден пред одмор: ако сте во можност не тргајте на пат веднаш после работа или следниот ден. Ако можете земете си еден ден слободен пред а појдете на пат. Така подобро ќе се организирате, ќе имате време, без брзање да се спакувате и да ги средите сите обврски пред пат. А најважно, му помагате на мозокот полесно да ја преброди транзицијата од „активна состојба” и мислење на милион обврски, во состојба на опуштеност.
- Адаптација: поврзано со горната точка, на мозокот му требаат неколку дена да се релаксира и да „влезе“ во нова состојба. Затоа, понекогаш кога сме на одмор, се нервираме што не може да се релаксираме веднаш, и ни требаат неколку дена да дојдеме на себеси.
- Ментално отсекување од работа: кога веќе ќе тргнете на одмор вие и физички и психички веќе не може никако да влијаете на состојбата на работата. Ова правило е едно од најважните. Бидејќи ние иако сме на одмор, сепак, ако размислуваме цело време за сите работи / проекти / задачи што сме ги оставиле зад нас (што ќе биде, како ќе испадне, што ако...итн.), исто е како и да сте на работа (дури и полошо). Поради овој момент, многу луѓе знаат да кажат, не знам како да се опуштам на одмор, кога ми „стојат“ толку многу работи на глава. Затоа, свесно мора да ги отсечеме мислите од работата.
- Поретки и временски прецизирани работни интервали: ако цело време го проверувате телефонот/компјутерот за е-пошта, ништо од работата! На тој начин, мозокот цело време ќе ви биде активен и насочен кон работата. Ако сите горенаведени точки се покриени, тогаш не би требало да има потреба од работа за време на одмор. Но, бидејќи понекогаш е многу тешко тоа да се постигне, ако веќе мора да работите или бидете присутни со дел од времето на работа, тогаш подобро е да си определите точно време кога ќе го правите тоа. Да не биде „ај денес ќе го завршам”, бидејќи можно е да мислите цел ден на работата. Определете точно време во денот за работа, а уживајте во остатокот од денот и тоа, ако може да биде на неколку денови.
- Одложете: понекогаш, ако треба да завршите некоја важна работа (ептен ако е итна), а не можете да ја направите тој ден, бидејќи не сте нашле време, одложете го за следниот ден. И, немајте грижа за тоа. Сигурно поради таа активност нема да ви пропадне работата / бизнисот / позицијата.
Ви посакувам релаксиран летен одмор.
Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот