На едно четиричлено семејство за да ги задоволи основните животни трошоци, во јули годинава, му биле потребни во просек 531 евро, покажуваат податоците за минималната кошничка кои ги подготвува месечно Сојузот на синдикати на Македонија – ССМ.
Во сумата за основните животни потреби на едно семејство вклучени се трошоците за храна, за сметки, за превоз и за здравје, при што најголем дел од семејниот буџет оди за храна и за сметки, 73,45 отсто.
Околу 70 отсто од вработените во Македонија земаат минимална плата од 12.507 денари (203 евра).
Според пресметките на ССМ, вака изгледаат минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство: за исхрана и пијалаци 13.574 денари, домување 10.409 денари, за хигиена 2.306 денари, за превоз 2.408 денари, за облека и обувки 2.177 денари, за култура 1.070 денари и за одржување на здравје 706 денари. Или, од вкупните минимални трошоци од 32.710 денари, 23. 983 или 390 евра се само за исхрана и за сметки.