И најновите статистички податоци за просечните плати во регионот на бившите југословенски држави ја сместува македонската просечна плата на најниско место на листата.
Највисоката просечна плата во регионот за мај оваа година е исплатена во Словенија и таа изнесува 1.113,88 евра.
Зад неа е Хрватска каде просечната плата изнесува 886 евра, во Црна Гора за јуни била исплатена плата од 516 евра, Босна и Херцеговина има просечна плата од 472 евра, а во Србија во просек се заработуваат по 470 евра.
Македонија се најде последна на листата со просечна плата од 413, 67 евра. Состојбата е ваква со месеци и години.
Околу 70 отсто од вработените во Македонија земаат минимална плата од 12.507 денари (203 евра).
Според пресметките на ССМ, на едно просечно македонско семејство му се потребни 531 евро месечно за задоволување на основните животни потреби. Пресметките за елементарните, минимални месечни трошоци на едно четиричлено семејство според Сојузот на синдикати на Македонија изгледаат вака: за исхрана и пијалаци 13.574 денари, домување 10.409 денари, за хигиена 2.306 денари, за превоз 2.408 денари, за облека и обувки 2.177 денари, за култура 1.070 денари и за одржување на здравје 706 денари. Или, од вкупните минимални трошоци од 32.710 денари, 23. 983 или 390 евра се само за исхрана и за сметки.