На 14 мај (понеделник), Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на Република Македонија ќе одржи јавна расправа на тема: Потребата од заедничко родителство во Република Македонија, после развод и разделба.
Расправата е поттикната од граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод која се залага за промени во Законот за семејство, во насока на воведување на систем за фер третман на децата од разведени бракови и нивните родители.
Наместо сегашниот застарен еднородителски систем со кој државата во голема мерка го исклучува едниот родител од животот на децата по разводот, велат од Иницијативата, се залагаме за воведување на заедничко родителство по развод преку следните две главни промени:
- Воведување одредба дека двајцата родители независно од брачниот статус остануваат еднакво одговорни за своите деца и заедно ги донесуваат главните одлуки кои се од интерес на детето (образование, здравство итн.)
- Регулирање на видувањата на децата со родителот со кој не живеат (бидејќи на децата мора да им се определи една адреса на живеење) на следниот начин:
a) Воведување на право на минимум загарантирано време од 120 дена годишно за родителот со кој не живее детето.
б) Секаде каде што е можно (кога родителите живеат блиску и нема да се наруши нормалниот тек на активности на детето) да се воведе принципот 50-50, односно гледање на децата во еднакви временски интервали со двајцата родители, како принцип кој е научно докажан како најдобар за децата од разведени бракови.
Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“.