Американскиот портал Jalopnik откри гробница со речиси 3.000 нови BMW возила кои од 2015 година се распаѓаат, оставени на отворен паркинг во Канада. По приказната за 9.000 нови Mercedes возила паркирани на пистата на воен аеродром во Германија, доаѓа уште една слична, но со автомобили на еден друг германски автомобилски гигант. Оваа „гробница“ се наоѓа во Канада и постои веќе неколку години.
Во 2015 година, канадското пристаниште Халифакс го погоди силно невреме, токму во моментот кога се растоварала пратка нови автомобили BMW и Mini од брод во камиони. Точно 2.966 нови автомобили вредни околу 150 милиони долари требало да се упатат кон салоните и крајните купувачи, но невремето било толку силно, што морските бранови ги зафатиле паркираните автомобили и ги „засолиле“.
Тоа било доволно за да реагира владината агенција Транспорт Канада и да му наложи на BMW дека поради големата изложеност на морската сол, сите автомобили мора да се вратат во фабриката и да се заменат или поправат сите засегнати делови. Во BMW оцениле дека тоа ќе биде прескап зафат, па едноставно ги повлекле овие и на купувачите им испорачале потполно нови возила.
Повлечените автомобили влегоа во заборав, сѐ додека случаен минувач не ги фотографирал како скапуваат во Ванкувер и ги испратил фотките на редакцијата на Jalopnik. Меѓу трите илјади луксузни автомобили има „бисери“ како BMW M4 и M6, како и електричните/хибридни i3 и i8.