Управата за јавни приходи извести дека вчера, 30 септември, заврши првото тримесечје од реализацијата на мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ. Средствата од повратот остварен во месеците јули, август и септември на граѓаните ќе им бидат исплатени на трансакциските сметки до крајот на декември оваа година.
Од воведувањето на мерката на 1 јули оваа година до вчера регистрирани се 170, 378 корисници на апликацијата „МојДДВ“, скенирани се 22,670,713 фискални сметки, остварен е промет од 11,423,978,620 денари, со вкупен ДДВ од 1,241,434,628 денари додека повратот на 15 отсто од пресметаниот ДДВ изнесува 186,215,194 денари, односно 3,028,000 ЕУР.
По исплатата во декември, ќе следува исплата во текот на месец февруари за месеците октомври, ноември и декември, во април за месеците јануари, февруари и март, во август за месеците април, мај и јуни и во ноември за месеците јули, август и септември.
Управата за јавни приходи изразува задоволство од досегашната реализацијата на “МојДДВ“. Податоците покажуваат дека мерката ги исполнува целите за кои е наменета. Ги враќа парите кај граѓаните и ја намалува неформалната економија, велат од УЈП.
На корисниците сега им е достапна и веб апликацијата „МојДДВ“ преку којашто може да го проверат износот на повратот којшто ќе им биде исплатен на нивната трансакциска сметка, а имаат и можност за повлекување на фискални сметки коишто се скенирани погрешно.
Во наредниот период Управата за јавни приходи ќе излезе со целосна анализа и податоци за мерката „МојДДВ“ преку којашто ќе се видат придобивките и во однос на намалувањето на сивата економија по нејзиното воведување.