Hilton, Unilever, Urban Outfitters и Vodafone се дел од компаниите кои веќе регрутираат со помош на AI.
Вештачката интелигенција (AI) и технологијата за скенирање на лице за прв пат започнаа да се користат на интервју за работа во Велика Британија, а за многу кратко ќе станат широко распространети и во Европа, помагајќи им на компаниите да ги идентификуваат најдобрите кандидати.
Новата технологија e веќе прифатена од дури 700 компании ширум светот, вклучувајќи ги Hilton, Unilever, Urban Outfitters и Vodafone, а со нејзина помош досега се направени повеќе од 100.000 интервјуа за работа само во Велика Британија.
Софтверот, развиен од американската компанија HireVue, анализира говор и тон и ја меморира фацијалната експресија на кандидатите додека одговараат на однапред подготвени прашања.
Како што пренесува британски Телеграф, технологијата работи со помош на алгоритми кои го оценуваат 15-минутното видео интервју на кандидатот, додека самиот алгоритам е креиран врз основа на 25.000 податоци собрани од претходни интервјуа на кандидати кои успешно ја поминале фазата на селекција и добро се покажале во својата работа.
Лорен Ларсен, технички директор на HireVue, изјави дека софтверот анализира изрази, вклучувајќи затегнување на усните, намуртеност, насмевка и движење на очите за време на интервјуто.
Од HireVue тврдат дека новата технологија им овозможува на компаниите да интервјуираат поголем број на кандидати за пократко време обезбедувајќи им посигурен и објективен индикатор за идните перформанси на кандидатот отстранувајќи го ризикот од човечка пристрасност.
Сепак, главниот недостаток на овој пристап е во тоа што може да ги фаворизира кандидатите кои подобро се снаоѓаат пред камери.