Ознаките на возилата може да ги збунат и солидните познавачи на автомобили. Проблемот е во тоа што, генерално, некои ознаки не мора да значат ништо. Тоа се ознаки кои производителите на автомобили ги користат без некои универзални правила.
Станува збор за маркетиншки ознаки што производителите им ги даваат на своите модели врз основа на проценка за тоа што најмногу ќе ги привлече купувачите.
Не постојат никакви стандарди, дури ни на конкретни брендови, модели или генерации на возила. Автомобилските компании само сакаат да нѐ наведат да мислиме дека постојат некои правила во однос на ознаките, а всушност нема.
Секако, тоа не е случај секогаш, има и исклучоци, како на пример Mitsubishi (GDI), Nissan (DIG-T) и Mazda (DISI).
Што значи легендарната ознака TDI?
Сигурно е „Turbo Diesel Injection“! Или можеби „Turbocharged Direct Injection“.
Што би значело тогаш SDI? SDI значи „Suction Diesel Injection“, односно се работи за акроним за „Saugdiesel Direkt Einspritzung“ или во груб превод – „атмосферски со директно вбризгување“.
Што поконкретно тогаш значи TDI? Ако во приказната го вметнеме и, на пример, Dodge Caliber кој користи 2.0 TDI мотор, но под ознака 2.0 CRD. Па потоа Jeep Patriot 2.0 CRD со истиот мотор на VW, а тука е и Patriot 2.2 CRD со мотор на Mercedes, кој пак во своите модели го означува како CDI…
Може и вака да го гледате: CRD – Common Rail Diesel. Оваа ознака ја користат сите возила на групацијата Chrysler (Dodge, Jeep, Chrysler), без разлика на тоа чиј мотор користат.
Меѓутоа, имаме Mercedes кој зема мотор на компанијата Renault и лепи CDI ознака на задниот дел на автомобилот, а од друга страна својот дизел мотор го дава на друг производител кој става своја ознака по желба.
JTD – ознаката на Fiat за првата генерација „дизелаши“ со „Common Rail“ систем. Тоа е кратенка за „Jet Turbo Diesel“. Ова семејство мотори доаѓа со четири и пет цилиндри, со два или четири вентила по цилиндар. Освен возилата на групацијата Fiat (плус Alfa Romeo и Lancia), ги користат и автомобили на други брендови, но под други ознаки.
Тука се и MultiJet моторите кои претставуваат друга генерација. Кога MultiJet ќе се вгради во Alfa, тој станува JTDm, во Opel се претвора во CDTi, Saab со овој мотор носи ознака TiD или TTID, а Suzuki во своите возила го нарекува DDiS.
Кога е Opel во прашање, ознаката CDTi е тука без разлика кој го конструирал или го произведува моторот – Fiat, Isuzu, Ford/Peugeot/Citroen, VM Motori… А сега, откако Французите (PSA Peugeot Citroen, од 2016 година PSA Group на англсики јазик) го презедоа Opel, најверојатно ќе ги користат само нивните дизел мотори.
Дали буквата „T“ укажува на тоа дали моторот има турбополнач?
Не секогаш. BMW своите дизел автомобили ги означува со едноставно додавање на буквата „d“ – без разлика на тоа дали имаат еден, два или три турбополначи.
Тука е и Audi кој има бензинци и со турбополнач и со компресор, но сите носат ознака TFSI (или TSI).
А што е со славниот Twin Spark или TS (Alfa Romeo)? Тоа значи дека моторот има по две свеќички по цилиндар – една главна и една помошна со цел да се постигне помирно работење во лер.
Кога сме веќе кај Alfa, тука е и бензинскиот JTS („Jet Thrust Stoichiometric“) со директно вбризгување гориво. Во 99% други случаи, буквата „T“ тука укажува дека моторот има турбополнач (или компресор или комбинација од турбополнач и компресор во некои случаи).
Ford и Французите
Ford и групацијата PSA Peugeot Citroen остварија сериозна соработка во развојот на дизел мотори со разна кубикажа. На пример, овие мотори беа вградувани во модели на Ford под ознака TDCi, во модели на Peugeot и Citroen под ознаката HDi, како и во возилата на брендовите Mazda, Volvo, Toyota, Jaguar, Land Rover и Mini, од кои секој има своја ознака.