“Клиентите доаѓаат на второ место, а вработените се секогаш први. Ако се грижите за своите вработени, тие ќе се грижат за вашите клиенти.“ – Ричард Бренсон
Мнозинството луѓе не се задоволни од својата работа. Едно наше неодамнешно истражување покажа дека дури 62 проценти од вработените во Македонија планираат да го променат своето работно место во следните година дена. Овој статистички податок треба да пренесе сериозна порака до работодавците дека е време да го пренасочат фокусот од потрошувачите кон вработените.
Зошто инвестирањето во вработените им се исплати на работодавците?
Самиот процес на инвестирање во вработените поттикнува чувство на вредност и самодоверба кај нив, бидејќи преку нивниот раст и развој тие придонесуваат за целокупниот напредок на бизнисот. На овој начин, вработениот сфаќа дека работодавачот се грижи за него и за неговата иднина и поради тоа станува мотивиран и лојален. Со проширување на опсегот на вештини, вработените можат подобро и побрзо да ги совладаат своите работни задачи, што ги прави попродуктивни и задоволни од својата работа.
Според некои истражувања, само 24% од вработените се задоволни од можностите за професионален развој на работното место, а тоа е една од причините да бараат нова работа. Да, точно е дека голем број работодавци не вложуваат време и пари во едукација на вработените затоа што стравуваат дека тие ќе ги напуштат откако ќе ја искористат можноста за напредување. Напротив, реалноста покажува дека вработените го ценат тоа. Така, повеќето вработени кои имаат можност да напредуваат остануваат подолго време со истиот работодавач. Покрај тоа, многу поскапо е да се ангажира и обучи нов вработен отколку да се инвестира во едукација на постојните.
Од каде да почнете?
Квалитетната едукација на вработените е многу важна, не само за да ги задржите нив, туку и да ја одржите конкурентноста на вашиот бизнис. Од друга страна, ниту еден работодавач не сака да потроши пари за едукација од која нема да корист ниту тој, а ниту пак вработените.
Затоа, прво утврдете која е областа во која треба да се спроведе обуката и како е можно да се спроведе истата. Во оваа фаза треба јасно да ги идентификувате очекувањата од секоја работна позиција и вештините кои му се потребни на одреден вработен за извршување на неговите задачи. Поставувањето на јасни цели ќе ви помогне на секој вработен да му овозможите квалитетна едукација од која и вие ќе имате директна корист.
Потоа, објаснете им ја целта на нивната едукација и обидете се да создадете клима на доверба. Осигурајте се дека вашите вработени на едукацијата ќе гледаат како на можност, а не како на товар и дополнителна обврска.
Не заборавајте да ги вклучите и вработените во организацијата на обуката. Прашајте ги каков вид на едукација сакаат и како тоа ќе им помогне во нивната секојдневна работа.
За крај, запомнете дека клучот е да ги мотивирате вашите вработени самостојно и самоиницијативно да бараат нови можности кои се добри за нив, а со самото тоа и за вашиот бизнис.
Најновите огласи, вести и совети за барање работа следете ги и на Vrabotuvanje.com Linkedin профилот!