Потрагата по работа без работно искуство за некого може да трае цела вечност. Тоа е така бидејќи станува збор за процес на кој влијаат голем број субјективни и објективни фактори. Доколку и вие се соочувате со потешкотии да најдете работа без работно искуство, се наоѓате на вистинското место. Во продолжение, ви пренесуваме три совети кои значително ќе ви помогнат да ја пронајдете вашата прва работа.
Прилагодете ја кратката биографија за секој оглас
Дури и да немате никакво професионално искуство потребно е да размислите за курсевите што сте ги положиле, проектите што сте ги направиле, праксите, волонтерствата и слично и како истите соодветствуваат со позицијата за која се пријавувате. Лидерство, решавање на проблеми или работа со тесни рокови? Анализирајте од огласот што е тоа што го преферира вашиот потенцијален работодавач и нагласете го истото во вашата кратка биографија. Прилагодувањето може да ви одземе повеќе време, но секогаш преферирајте квалитет, наместо квантитет. Подобро да аплицирате 15 пати и да добиете 5 одговори, отколку да испратите 50 апликации и да останете без одговор.
Networking
Вмрежувањето е еден од најмоќните канали преку кој може да добиете неформална понуда за вработување. Ако скоро сте го завршиле вашето образование, распрашајте се помеѓу вашите колеги и пријатели кои веќе пронашле работа и дознајте први кога компаниите во кои тие работат вработуваат. Шансите ви се поголеми бидејќи препораката значи поголема доверба и помал ризик за менаџерите одговорни за вработување.
Бидете конзистентни и организирани
Кога ќе донесете одлука да барате работа, бидете постојани во нејзиното реализирање. Тоа значи секојдневна проверка на слободните работни места и аплицирање таму каде што сметате дека вашиот профил одговара на условите во огласот. Дополнително, препорачуваме да водите своја евиденција за тоа каде сте аплицирале, кога сте ја испратиле вашата апликација, дали сте добиле одговор и слично. Ова може да го направите со помош на едноставна ексел табела, а тоа ќе ви помогне да бидете во тек со вашиот статус за секој оглас одделно и ќе ви овозможи да реагирате доколку не добиете одговор во разумен рок.