Како се чувствувате денес? Вашиот одговор на ова навидум едноставно прашање со голема веројатност може да одреди колку продуктивни ќе бидете на работа!
Истражувачи од Бизнис-школата Саид на Универзитетот во Оксфорд го докажаа тоа што многумина од нас долго време го претпоставуваа - посреќни луѓе извршуваат подобра работа.
Нивната шестмесечна студија која опфати 1.800 вработени во кол центарот на британската телекомуникациска компанија БТ откри јасна каузална врска помеѓу среќата и продуктивноста на вработените.
Имено, од вработените беше побарано да го рангираат нивото на нивната среќа секоја недела преку е-маил анкета сочинета од пет опции во форма на емотикони, од многу тажно до многу среќно.
Резултатите покажаа дека среќните вработени не само што работеле побрзо, остварувајќи повеќе повици на час, туку и реализирале поголема продажба за 13 проценти во однос на нивните несреќни колеги.
Интересно е тоа што среќните вработени не работеле екстра часови за да постигнат подобри резултати, туку тие само работеле попродуктивно.
Дали лошото време влијае врз среќата на вработените?
Некои работи, сепак, се надвор од нашата контрола. Студијата покажа дека лошото време има универзално депресивно дејство врз расположението на вработените. Па така, дождот, снегот и маглата можат да ги направат дури и најсреќните вработени да се чувствуваат помалку среќно. Сепак, истражувачите не пронајдоа корелација помеѓу времето и болестите.
Друг интригантен аспект на ова истражување се однесува на прашањето дали среќните вработени се успешни затоа што се чувствуваат среќно или се среќни само затоа што се успешни.
На ова, тимот истражувачи заклучува дека поради тоа што работата во кол центар не може сама по себе да се смета за пријатна и исполнувачка, среќните вработени ја носат својата среќа на работа, а не ја извлекуваат од неа.
Исто така, се вели дека ефектите од среќата врз перформансите на вработените имаат многу посилен ефект во услужните дејности каде што работата е директно поврзана со клиентите.
Заклучокот е дека среќата ги подобрува социјалните вештини на вработените и истата води кон позадоволни клиенти и поголема продажба.