Жителите на Карпош ќе пијат поевтино кафе, ќе купуваат поевтини книги, а ќе имаат бенефиции и при други услуги што ги нудат локалните правни лица и други субјекти кои ќе се вклучат во проектот Моја картичка-Мој Карпош.
Станува збор за проект за попусти и бенефиции на жителите од Карпош на подрачјето на нивната општина. Општината веќе презема активности за реализација на проектот. За таа цел веќе се формираа тимови oд општинската администрација на Карпош кои излегуваат на терен, со цел да се информираат за интересот на угостителските објекти, локални кафулиња, ресторани, продавници, книжари и други субјекти и правни лица, да се приклучат кон проектот.
“Примарната цел е граѓаните на Карпош да добиваат повеќе попусти и бенефиции во локалните угостителски објекти, а истовремено, да се зголеми интересот за производите и услугите на малите и средни бизниси“, информираат од Општината.
Во оваа фаза општинските тимови ги мапираат заинтересираните субјекти, го претставуваат проектот чија намена е да ја раздвижи економијата на локално ниво, при што, од друга страна, пак, сопствениците пополнуваат анкетни прашалници кои ќе помогнат во конечното дефинирање на картичката „Мој Карпош”.
Општина Карпош навремено ќе ги информира граѓаните за стартот на овој проект, со цел да аплицираат за добивање на ваква картичка, со потребните документи за лична идентификација. Покрај бенефициите кои ќе ги имаат граѓаните и локалните бизниси, со оваа картичка за попусти се воспоставува и механизам на соработка меѓу локалната власт и бизнис секторот. Заинтересираните бизниси својот интерес може да го изразат и по електронски пат, со испраќање на порака на e-mail адреса: kontakt@karpos.gov.mk, со што ќе им биде доставен анкетниот прашалник за пополнување.