Врховниот суд во Шпанија донесе одлука во корист на мерката со која ќе се намалат платите на најмалку продуктивните државни службеници во земјата.
Шпанија е позната како земја во која голем дел од младите сонуваат да се вработат во јавниот сектор, а целокупното општество ја гледа државната работа како неостварен сон.
Како што пренесува Агенцијата Анадолија (АА), земајќи ја предвид целокупната економска состојба во земјата, платите во јавниот сектор се многу пристојни, а освен тоа нудат и многу поголема стабилност од тие во приватниот сектор, како и пократко работно време.
Сепак, во последните неколку години, сериозен проблем во јавниот сектор на Шпанија е фактот дека голем број од вработените воопшто не размислуваат за својата продуктивност на работното место затоа што уживаат високи работнички права, особено кога станува збор за можноста да се добие отказ.
Во таа земја, сепак, во следниот период државните службеници ќе треба да посветат многу поголемо внимание на резултатите од својата работа.
Според пресудата на Врховниот суд, државните институции отсега ќе имаат право да ги намалуваат платите на државните службеници кои не ги исполниле своите цели и задачи на работното место.
Ова доаѓа откако неодамна е откриено дека некои државни службеници, на пример, никогаш не одговарале на телефон, не ги завршувале работните задачи и работеле помалку отколку што е предвидено со закон.
Инаку, според податоците за 2018 година, во јавниот сектор во Шпанија работеле 3.07 милиони луѓе или 16% од работоспособното население во земјата.
Просечното работно време на државните службеници во Шпанија е од 9 до 14:30.