На последната седница што ќе ја одржи оваа година, најверојатно во текот на викендов, Владата треба да ја усвои Уредбата, од која се очекува да расчисти многу дилеми за тоа за кои возила колкав данок ќе се плаќа.
Според извори од Министерството за финансии, има големи изгледи Уредбата која сите ја чекаат, да се најде на дневен ред на наредната седница на Владата. Вообичаено седниците се држат во вторник, но следната ќе се помести за малку порано, бидејќи во вторник е 31 декември и вечерта се дочекува Новата Година.
А Законот за данок на моторни возила беше изгласан пред околу една недела, по што претседателот на државата го потпиша указот, така што ова законско решение е веќе објавено во „Службен весник“.
Законот ќе стапи на сила веќе од први јануари идната година, но граѓаните уште не знаат колкави ќе бидат даночните стапки, бидејќи сите детали ќе се прецизираат со Уредбата, која ќе дефинира каде колку ќе биде данокот по вредност на возилото, а колку данокот по загадување.
Од Владата признаваат дека законот оставил вакви нејаснотии, па затоа и брзаат да ја донесат Уредбата до крајот на годинава.
Сепак, во Законот за данок на моторни возила, во членот 37, е наведено дека „подзаконските прописи утврдени со овој закон, ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон“.
Така што, откако ќе се донесе уредбата, останува да се види дали тогаш, или после три месеци, ќе се дознаат различните даночни стапки за пооделните видови возила.
Она што сега се знае е дека висината на данокот ќе зависи од годината на производство на возилото и неговата набавна цена, како и од тоа колкава емисија на јаглерд диоксид испушта во околината.
Министерката за финансии Нина Ангеловска неодамна изјави дека со овој закон всушност, оние што загадуваат, ќе плаќаат поголем данок. Според неа, користен бил примерот на Хрватска, каде се покажале значителни резултати со дестимулирање купување возила што загадуваат.
Целиот текст прочитајте го на линкот.