Да се купи денеска стан за многумина е невозможна мисија. Нискиот животен стандард, малите плати, тешко достапните банкарски кредити со високи камати ја прават уште подалечна желбата на луѓето што сакаат да го решат станбеното прашање.
Но освен со овие, граѓаните, особено во главниот град, се соочуваат со можеби најголемата блокада ако сакаат да купат стан. Секако тоа е цената.
Во Скопје, сега за сега најскапи се становите во Карпош. Порано тоа беа становите во Центар, но овој пат „тронот“ е во рацете на Карпош. Таму становите се движат со просечна цена од 60.398 односно 59.865 денари за метар квадратен. Меѓу поскапите се и становите во Аеродром, кои се продаваат од 50.000 денари за квадрат, па нагоре. Во Кисела Вода квадратен метар е од 46.000 денари нагоре, додека пак во Гази Баба околу 45.000 денари за квадрат.
Според некои истражувања квадратен метар во центарот на Скопје е на исто ниво или пак вреди многу повеќе од цената во голем број светски и европски метрополи.
Од 1100 до 1600 евра чини квадратен метар станбена површина во строгиот центар на македонската метропола. Во делови од центарот на Берлин стан може да се најде и за цена од 1000 евра за квадратен метар.
Во Будимпешта најевтините станови во центарот се купуваат и за 1080 евра за квадрат. Во регионот, во Македонија по Хрватска и Црна Гора становите се најскапи.