Опасното ширење на корона вирусот низ светот стави под клуч голем број компании и институции. Сепак, постојат професии што може да се работат од дома или било кое друго место каде што има услови, најчесто интернет врска, за тоа.
Доколку и досега сте имале прилика да ги извршувате работните задачи од дома, сигурно може да потврдите дека овој вид на работа има и свои предности, но и недостатоци.
Она што е важно, без разлика на тоа дали само во овој момент имате прилика да работите од дома или веќе сте дел од компанија што има таква политика, е дека треба да ги извршувате задачите и обврските одговорно и чесно.
Овие неколку совети ќе ви помогнат во тоа да ја задржите продуктивноста на високо ниво иако работите од дома.
Пронајдете мирно катче за работа
Доколку немате посебна просторија како работна соба, тогаш одберете катче во домот што ќе ви го обезбеди потребниот комфор додека работите. Важно е да имате доволно количина дневна светлина, простор за компјутер, дополнителни документи и слично. Исклучете го телевизорот доколку ве дефокусира, а ако во домот во тој момент има некој со вас, замолете го да биде потивок.
Практикувајте одредени навики исто како да работите во канцеларија
Што значи овој совет? На пример, ако доаѓате во осум часот наутро на работа, тогаш вклучете го компјутерот во тоа време и кога сте дома. Ако утринскиот ритуал подразбира кафе или појадок, тогаш не ја менувајте рутината.
Не ја заборавајте паузата
Иако сте од дома и немате потреба да излегувате надвор за да купите нешто за јадење, сепак направете си ја потребната пауза за да можете да се одморите и потоа фокусирано да се вратите на обврските. Не работете во кревет и во омилените пижами Иако звучи бизарно, сепак се знае дека креветот и пижамите се за оној период од денот, односно ноќта, кога треба сите уреди, обврски и задачи да ги ставите на OFF, да се опуштите и да заспиете лесно. Затоа, експертите велат дека е најдобро да одберете некоја лежерна комбинација (би било смешно да седите дома во костум и чевли), но тоа не мора да биде во кревет, бидејќи така ќе ви се намали концентрацијата и продуктивноста.
Одржувајте комуникација со другите луѓе
Во овој момент можеби не е најпаметно дружење и излегување на јавни места, поради страв од ширење на корона вирусот, сепак кога работите од дома, никогаш не заборавајте да се социјализирате, да бидете активни кога станува збор за комуникација со колегите, соработниците, пријателите и слично.