Додека светот се соочува со пандемија на коронавирусот и речиси и да не постои земја во која нема заразени, се повеќе држави преземаат мерки со цел да го спречат ширењето на новиот COVID-19. Од целосна забрана на јавни собири до прекин на наставата и затворање на граници, а во Хрватска дури се размислува и за скратување на работното време.
Пандемијата на коронавирусот е голем удар за хрватската економија. Од хрватската влада порачуваат да се има трпение бидејќи веќе се работи на конкретни мерки, а експертите од друга страна предупредуваат дека со истите се доцни. Тие предвидуваат социјална бомба и повикуваат на итен ребаланс на буџетот.
Министерот за финансии Здравко Мариќ во интервју за RTL Direkt изјави дека засега Владата ги има преземено сите мерки кои се во рамките на постојаните средства и дека покрај тоа што досегашната состојба е многу сериозна, се уште не се случило ништо што би инсистирало на некоја поекстремна мерка. Според него, основната цел е здравјето на луѓето, а потоа и зачувување на работните места и ликвидноста на работодавците.
Инаку, Италија како најпогодена земја во Европа, планира да издвои 25 милијарди евра со цел да се помогне во надминувањето на кризата. Од земјите во регионот, со конкретни бројки излезе само Словенија каде се споменува износ од 1 милијарда евра, но со оглед на растечкиот број на заразени од ден на ден, не треба да се изненадиме ако овој износ биде неколкупати поголем.
Како една од можните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во Хрватска се споменува и скратувањето на работната недела.
Ова е една од работите за кои треба да размислуваме, меѓутоа се уште е рано за тоа. За работодавците е од примарно значење да останат ликвидни. Од гледна точка на зачувување на работните места, скратувањето на работното време би било можно во некој следен чекор, доколку работите станат покомплицирани, вели Мариќ.
Во Хрватска досега се потврдени 49 случаеви на заразени со COVID-19.