Американскиот министер за финансии Стивен Мнучин најави дека Белата куќа ќе им испрати чекови од по 1.000 долари на повеќето возрасни граѓани на САД во текот на следните три недели како поддршка за штетата од пандемијата на коронавирусот.
Администрацијата на Доналд Трамп ќе исплати по 1.000 долари на секој возразен Американец и по 500 долари за секое дете. Едно четиричлено семејство би можело да добие до 3.000 долари, а ако кризата не заврши за шест недели, ќе следи дополнителна исплата на уште еден чек.
Се уште не е утврден максималниот износ на годишен доход кој лицата треба да го остварат за да се квалификуваат за оваа мерка, но како што наговестува Сенатот, тој ќе биде 75.000 долари за индивидуи и 150.000 за семејства.
За оваа мерка ќе бидат издвоени 500 милијарди долари, а исплатата ќе се врши во текот на следните три недели.
Белата куќа и Конгресот досега усвоија одлука за два стимулативни пакети, вклучувајќи и 8,3 милијарди долари за финансирање на превентивни активности и истражувања. Дел од оваа сума ќе се искористи за да се исплатат трошоците за платено боледување на повеќето Американци и да се овозможи бесплатно тестирање на „Ковид-19“.
Американската администрација во моментов работи на трет пакет помош кој би можел да чини четири милијарди долари. Мерките вклучуваат финансиска помош за тешко погодените индустрии, особено авиокомпаниите. Пакетот исто така вклучува пари насочени кон возрасните во САД.