Последиците од пандемијата на Ковид-19 би можеле да остават без работа 25 милиони луѓе ширум светот
Првичните проценки за влијанието на новиот коронавирус врз глобалната економија, што ги направи Меѓународната организација на трудот (МОТ), покажуваат дека милиони луѓе ќе останат без работа.
Претставниците на МОТ предвидуваат две сценарија од ширењето на вирусот врз растот на глобалниот БДП, при што според “полесното“ сценарио, може да се очекува пораст на глобалната невработеност за 5.3 милиони луѓе. “Потешкото“ сценарио вели дека без работа би можеле да останат дури 24.7 милиони луѓе.
За споредба, глобалната финансиска криза во 2008 година остави без работа 22 милиони луѓе.
МОТ предвидува и дека кризата со работни места особено ќе погоди одредени социјални групи што би значело натамошно зголемување на нееднаквоста. Во тие групи спаѓаат лицата со слабо платени работни места, особено младите, повозрасните работници, но и жените и мигрантите.
Од организацијата повикуваат на итни мерки во три димензии, и тоа: зачувување на работните места, стимулирање на економијата и поддршка за создавање на нови работни места.
Според МОТ мерките треба да опфатат проширување на социјалната заштита, поддршка за задржување на вработеноста преку скратено работно време, платено отсуство и други субвенции.