Јужноафриканскиот биофизичар, професор по структурна биологија на Универзитетот Стенфорд и добитник на Нобелова награда во областа на хемијата, Мајкл Левит, будно ги следи случаите на заболени од коронавирус од крајот на јануари оваа година и правилно предвиде дека Кина ќе се извлече од најтешката фаза на епидемијата многу порано од тоа што го предвидоа некои здравствени експерти.
Истиот тој Левит сега тврди дека Соединетите Американски Држави и остатокот од светот на многу сличен начин ќе се соочат со коронавирусот.
Додека многу епидемиолози предупредуваат дека светот го очекува повеќемесечна, па дури и повеќегодишна борба со општествената нестабилност и дека таа борба ќе однесе милиони животи, Левит вели дека достапните податоци едноставно не поддржуваат такво сценарио, а особено не таму каде се применуваат разумни мерки на социјална изолација.
“Она што треба да го контролираме е паниката“, вели тој. “Ако ја погледнеме поголемата слика, ќе бидеме во ред“.
Левит истакна дека на 31 јануари, Кина регистрирала 46 нови смртни случаи предизвикани од Ковид-19, додека еден ден порано тој биланс изнесувал 42. Со други зборови, и покрај тоа што Кина бележи нови смртни случаи, стапката на раст значително се намалила.
Левит смета дека намалувањето на стапката на пораст на нови случаи е важно затоа што сугерира дека траекторијата на епидемијата е променета.
Замислете ја епидемијата како автомобил кој вози на празен автопат. Иако автомобилот забрзува, тој не забрзува со ист интензитет како претходно. Ова значи дека стапката на смртност ќе се намалува и понатаму во текот на следната недела, напиша Левит во извештајот на 1 февруари кој беше широко распространет на социјалните мрежи во Кина.
За многу кратко време, неговото предвидување се оствари бидејќи бројот на смртни случаи рапидно се намали.
Три недели после тоа, Левит изјави за China Daily News дека ширењето на коронавирусот го достигна својот врв. Тој предвиде дека вкупниот број на луѓе кои страдаат од Ковид-19 на крајот ќе изнесува околу 80.000 и дека 3.250 луѓе ќе починат. И ова негово предвидување се покажа многу точно.
На 16 март, Кина имаше 80.229 заболени и 3.245 смртни случаи од 1.4 милијарди жители во земја во која околу 10 милиони луѓе умираат секоја година. Бројот на нови инфекции опадна на околу 25 на ден, а според официјалните извештаи во земјата, од 18 март вирусот веќе не се шири локално.
Левит како добитник на Нобелова награда во 2013 година за својот придонес во развој на комплексни модели на хемиски системи, предвидува сличен резултат и во другите земји, дури и во оние што не воведоа драконски мерки за изолација какви што можеа да се видат во Кина. Анализирајќи ги податоците од 78 земји во кои секој ден има повеќе од 50 случаи на заболени од Ковид-19, Левит открил “знаци на закрепнување“ во голем дел од нив. Левит не се занимава со вкупниот број на случаи во една земја, туку со бројот на нови случаи на дневна основа и е особено заинтересиран за тоа како се менува бројот на нови заразени од ден на ден.