Да, знаме дека батериите на смартфоните се лоши бидејќи едвај издржуваат еден ден. Но, тоа делумно е и наша вина бидејќи целото ова време погрешно сме ги полнеле. Сигурно многумина од вас цврсто веруваат дека кратките полнења ќе предизвикаат долготрајна штета на батериите, па затоа е подобро да се полнат кога се на неколку проценти или пак, целосно исклучени. Но, ова е многу погрешно.
Батериите во нашите смартфони се чувствителни на свои сопствени верзии „стрес“. И исто како што долгото изложување на стрес влијае негативно на животниот век на луѓето, тоа се случува и со долговечноста на вашата батерија. Ако сакате да ја одржувате во топ состојба, без постојано да се грижите дека телефонот ќе ви се исклучи, мора да промените неколку нешта.
Најпрво, не го заборавајте вашиот смартфонот на полнач
Ако го заборавате на полнач или пак, цела вечер го оставате да се „преполни“, вие правите голема штета на батеријата. Откако таа ќе постигне 100%, повремено добива кратки дополнителни полнења за да се одржи на тој процент. Ова ја одржува батеријата под стрес, што потоа ја нарушува внатрешната хемија. Откако ќе се наполни до 100%, вие треба веднаш да го тргнете смартфонот од струја. Ова е исто како да ги опуштите мускулите по долго и напорно вежбање. Вие би станале многу нервозни и истоштени доколку со часови вежбате без прекин.
Всушност, обидете се да не го полните до 100%
Барем кога немате потреба од тоа. Батериите не мора да бидат целосно наполнети, ниту пак имаат таква желба за да работат оптимално. Најдобро е да не ги полните до крај, бидејќи стресот предизвикан од висок напон може да ја намали нејзината функционалност. Можеби ова ви изгледа спротивно на вашата цел да го одржите смартфонот оперативен во текот на целиот ден, но доволно е да го полните во кратки интервали за да спречите тој да ви се изгаси и притоа да ја заштитите батеријата.
Не дозволувајте да се прегрева
Батериите во смартфоните се многу чувствителни на топлина, па затоа и се препорачува да ги отстраните оние маски што дополнително ги загреваат додека ги полните. Ако забележувате дека вашиот уред се загрева за време на полнењето, извадете ја касата пред да го приклучите во струја. Исто така, ако сте на отворено, заштитете го смартфонот така што ќе го тргнете од сончевите зраци.