За да се забави ширењето на коронавирусот, милиони луѓе ширум целиот свет практикуваат социјално дистанцирање и живот во затворен простор. Ако за време на вонредната состојба не сте на работа, а карантинот и пандемијата бараат од вас да бидете дома, Бил Гејтс ве советува да го искористите тоа време на конструктивен начин – да научите вештини за најплатената професија на светот!
Освен големиот број музеи ширум светот кои ги отворија своите врати за онлајн посетители, има и многу курсеви за стекнување на нови вештини кои станаа подостапни за корисниците.
Ко-основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, којшто и самиот е програмер по професија, издвои неколку платформи за учење на програмските јазици кои самиот тој ги обожава.
Вовед во JavaScript: Цртање и анимација
Гејтс истакна дека основното разбирање на програмирањето помага во развој на критичкото размислување во животот. Во овој курс, студентите создаваат анимации за да ги разберат основите на JavaScript.
“Прашањата кои програмирањето ќе ве научи да ги поставувате се: Како да завршите задача? Дали постои некој образец? Кои податоци ви се потребни? Сето тоа е корисно без оглед на вашата моментална професија”, напиша Гејтс во својот блог GatesNotes.
Вовед во HTML/CSS: Креирање на веб страници
За ко-основачот на Мајкрософт, програмирањето отсекогаш било повеќе од само техничка вештина.
“Компјутерската наука ми помогна во обликувањето на начинот на кој размислувам за светот”, напиша тој на својот блог. Така, овој курс ќе ве научи како да креирате веб страни со текст и слики.
Hour of Code
“Мислам дека е фер да се каже дека персоналните компјутери станаа најмоќната алатка што некогаш ја создадовме”, кажа Гејтс на говорот одржан на Универзитетот во Илиноис во 2004 година, додавајќи дека компјутерите се алатки за комуникација, тие се креативност и можат да ги обликуваат нивните корисници.
Вовед во SQL: Барање и управување со податоци
Според Гејтс, програмирањето ви помага да размислувате покреативно за работите кои ќе ви требаат низ целиот ваш живот.
Овој курс ве води низ создавање на табели и манипулација со податоци на различни начини.
Напреден Java Script: Игри и визуализација
Станува збор за понапреден курс на Java Script кој ќе ве научи како да креирате игри.
Напреден Java Script: Природни симулации
Во овој курс може да се совладаат математичките концепти неопходни за напредно програмирање.
HTML/JS: Создавање на интерактивни веб страници
Користејќи ги основните HTML и JavaScript команди, можете да научите како да направите интерактивна веб страница.
“Мислам дека секој може да има корист од учење на основите на компјутерската наука”, напиша Гејтс во својот блог.