На вчерашната седница на Владата на Република Србија беа донесени најнови одлуки во врска со спречувањето на ширење на Ковид-19.
Со новите мерки, во целост се забранува работата на објектите и дејностите кои вклучуваат близок физички контакт меѓу луѓето, а такви се фризерските салони, салоните за убавина, фитнес клубовите, спортските сали и слично.
Донесена е одлука и да се затворат сите обложувалници, казина и клубови со слот машини, а тие својата работа ќе можат да ја извршуваат само преку интернет.
Со оглед на специфичните потреби што ги наметнува сегашната состојба, решено е за одредени професии домашната изолација да важи 14 наместо 28 дена. Ова примарно се однесува на здравствените работници, чуварите во затворите и припадниците на Министерството за внатрешни работи и Армијата.
Владата донесе одлука и знамињата на сите јавни институции од денес да бидат спуштени на половина копје и уште еднаш апелираше до сите граѓани да се придржуваат до мерките за заштита.