Ламборџини активно се вклучи во борбата против коронавирусот.
И покрај тоа што со недели акумулираат загуби поради прекини во производството и блокадите, некои производители одлучија да ги отворат вратите на нивните фабрики и да започнат со производство на главното оружје за борба против вирусот.
Така, некои се вклучија во производство на респиратори, некои прават заштитни визири, а некои маски. Ламборџини започна со производство на заштитни маски , а почнува и со производството на визири што стануваат сè поважни.
Целото производство во моментов се користи за да се задоволат потребите на болницата „СантОрсола-Малпиги“ во Болоња, институција со која Ламборџини соработува долги години во заштитата на здравјето на здравствените работници.
Познатиот производител во моментов има капацитет на производство од 1000 маски и 200 визири на ден, а е екипиран од стручен персонал. Така, шивачи познати по дизајнот на ентериерот на луксузните автомобили сега прават маски, додека 3Д принтерите печатат рамки за визири 24 часа на ден.
Конечно, за да се покаже солидарност за време на кризата, Ламборџини го осветли своето седиште во боите на италијанското знаме.