Во потрага по најпогодни пазари, инвестициските фондови повторно се насочуваат кон Кина, која е прва земја која излезе од пандемиската криза.
Како што се намалува бројот на новозаразени, така и кинеската економија покажува знаци на закрепнување, а тоа го привлече вниманието на најпознатите инвестициски фондови во светот.
Според CNBC, американскиот Pinebridge Investments, кој располага со капитал од 101 милијарди американски долари, се решил да се сврти кон кинескиот пазар.
Како резултат на коронавирусот, западните пазари се во голем пад, додека во Кина голем број компании покажуваат знаци на закрепнување, изјави извршниот директор на Pinebridge, Мајкл Кели, додавајќи дека во април ќе се случи нов пораст на кинескиот пазар, додека западниот само што започнал да тоне.
Регионалниот портал seebiz.eu пишува дека UBS Asset Management ќе игра според иста стратегија бидејќи поинтензивно инвестира на кинескиот пазар на капитал, наведувајќи дека потрошувачката на јаглен и продажбата на недвижнини во Кина се веќе на 90 проценти од нивото пред кризата, додека работната активност и понатаму се зголемува.
Тие посочуваат дека кинескиот пазар на капитал е главно поврзан со технологија и дека тој сектор е помалку ранлив на тековната криза.
Goldman Sachs се осврна на зборовите на кинескиот претседател Си Јинпинг кој соопшти дека постојат силни позитивни сигнали, оценувајќи ги кинеските мерки за стимулирање на домашната потрошувачка и стабилизирање на пазарот на труд, трговијата и финансискиот пазар.
Најголем пазар во Кина стана самата Кина
Како шанса за вложување на својот слободен капитал, кинеските инвеститори гледаат на инфраструктурните проекти првенствено поврзани со развојот и инсталацијата на 5G мрежата, а многумина веруваат дека јуанот ќе стане можеби најважната резервна валута во светот.
Во исто време, централната банка на Кина презентираше план за создавање на своја дигитална валута и со тоа е прва централна банка во светот што се одлучи за ваков потег.
Но, сепак, не се сите работи сјајни. Аналитичарите се уште продолжуваат да го истакнуваат падот на извозот на Кина поради кризата на глобалните пазари и геополитичката криза во односите меѓу САД и Кина.
Останува времето да покаже кој ќе биде во право.