Здружението за едукативен развој Еквалис и група на младински активисти ја започнаа кампањата “Спас за учебната година” во којашто покренаа петиција за намалување на наставниот материјал за 70 проценти во основните и средните училишта во Република Македонија.
"Учениците и професорите моментално се соочуваат со голем стрес, неизвесност за тоа како ќе заврши учебната година и воедно како би биле заклучени крајните оценки. Апелираме дека оваа вонредна ситуација треба да биде третирана како таква во образованието. Намалувањето на наставниот материјал на 70% би овозможилo поголем фокус на процесот на оценување- особено во претстојниот последен месец од учебната година. Ние сметаме дека на секој ученик треба да му се даде еднаква шанса за постигнување на успех во училиште, а со моменталната состојба и со спроведување на онлајн настава- искуствата покажуваат дека за тоа ќе треба подолго време", стои во петицијата.
Од "Еквалис" бараат Министерството за образование и наука да издаде препорака кон училиштата за сите професори и наставници од едно исто училиште да користат исти технологии при спроведување на онлајн наставата. Велат дека недоволната конзистентност ги става учениците во ситуација за секој предмет да користат различна програма и со тоа се создава чувство на конфузија и неорганизираност.
Очекувааат Министерството за образование и наука да ги разгледа барањата и да се произнесе со одлука, најдоцна до 25 април.
Досега на петицијата доода поддршка над 1.400 луѓе.
Петицијата може да се види овде.
Извор: RadioMof