Коронавирусот донесе огромни здравствени, но и економските промени на глобално ниво. Една од тие промени се однесува на работата од дома. На сите ни паѓа тешко понеделникот, но во вакви услови може да биде дополнително тешко. Затоа, поставете си ритам што би можел да ви помогне полесно да ја надминете психозата, да бидете разумни и креативни.
Гледајте на позитивната страна
Иако работата од дома за некого е нормална, има и такви на кои им треба повеќе време за да се навикнат на таквиот начин на извршување на обврските. Замислете си дека останувате во удобната фотелја во вашиот дом, не сте дел од сообраќајниот метеж, имате повеќе време за себе и семејството… Така ќе можете да пронајдете сила за да се изборите со “тешкиот“ понеделник.
Нека ви биде удобно
Едно неодамнешно истражување покажува дека оние луѓе кои работат од дома, а имаат навика да се средуваат наутро исто како да одат во канцеларија, се попродуктивни, повеќе мотивирани и поисполнителни во извршување на своите задачи. Работата од дома можеби дозволува лежерност, но тоа не треба да значи дека треба да останете цел ден во пижами, без да се средите.
Бидете добар менаџер на вашето време
Иако сте дома, достапни сте за комуникација со шефот и колегите во било кое време, сепак почитувајте го своето и времето на другите. Ако сте дома не значи дека треба да “висите“ пред компјутерот постојано, нормално е да го почнете работниот ден на време, да си направите пауза за кафе и ручек. Можете да поработите и после работното време, но тоа не треба да ви биде навика или задолжителна обврска додека работите од дома.
Направете си атмосфера како во канцеларијата од вашите соништа
Факт е дека ако ви одговара окружувањето во коешто работите, ќе бидете повеќе мотивирани да работите, ќе се чувствувате попријатно и задоволно. Затоа, вашата домашна канцеларија нека биде удобно катче, во коешто боите, светлината и мебелот ќе направат да се чувствувате убаво додека работите.