Како да се добие германски пасош? По правило, странец мора да живее во Германија осум години за да аплицира за државјанство, а во иднина, и искреноста ќе биде важен критериум!
Странците кои при влез во земјата дале неточни имиња или земји на потекло, потешко ќе добијат германско државјанство. Новиот нацарт-закон на германското Министерство за внатрешни работи предлага времето поминато во Германија под лажен идентитет повеќе да не се смета.
Ова е важно бидејќи странците во Германија мора да живеат подолго од осум години за да можат да аплицираат за германски пасош.
Правниот систем кој се сфаќа сериозно, не треба да ги наградува оние што не го почитуваат. Во спротивно, се крши законот, се прави дискриминација на оние што се придржуваат кон законот, а тоа ги поткопува предусловите за неговата ефикасност, се вели во образложението на предлог законот.
Лажат поради ризик од депортација
Како што наведува DW, постојат различни причини за прикривање на вистиснкиот идентитет или потекло. На пример, депортацијата е тешко да се направи доколку лицето нема документи и ако не е позната неговата матична земја. Покрај тоа, шансите барателите на азил да добијат заштита во Германија значително варираат – во зависност од земјата на потекло.
Предлог-законот, исто така, предвидува дека на оние што погрешно се претставуваат нема да им биде дозволено да добијат дозвола за привремен престој или после тоа (неограничена) дозвола за престој, а второто е неопходно за добивање на германско државјанство.
Па така, утврдувањето на идентитетот и државјанство ќе биде задолжителен предуслов за давање дозвола за вселување.
Погодени се и децата на странците
Уште еден пасус што би требало да се промени се однесува на деата на “фалсификаторите на идентитет”. Според сегашниот закон, децата родени во Германија чии родители се странци имаат германски пасош генерално добиен при раѓање – под услов еден од родителите да живее во земјата најмалку осум години.
Ако се утврди дека еден од родителите ги измамил надлежните во врска со неговиот идентитет, децата исто така ќе го загубат германското државјанство. Меѓутоа, ова би требало да се однесува само на деца помали од пет години. Други исклучоци се, на пример, ако еден родител е германски државјанин. Исто така, правило е дека ниту едно дете во Германија не може да биде без државјанство.
Со предлог-законот, исто така, се планира лицата кои добиваат азил или заштита во Германија во согласност со Женевската конвенција за бегалци – по правило, да не смее да имаат повеќе државјанства. Ова се однесува на околу една четвртина од сите баратели на азил во Германија.