Од утре повтроно ќе може слободно да се шета во македонските шуми. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на барање на ЈП „Национални шуми“, ја отповика забраната за движење во шума и шумско земјиште со кој стопанисува ЈП „Национални шуми“, донесена на 16 април годинава.
„Со промената на временските услови и пролетното развивање на вегетацијата, се намали опасноста од појава на пожари на отворено и поради новосоздадените услови МЖШВ, на барање на ЈП „Национални шуми“ , ја укинува забраната за движење во шума и шумско земјиште. Решението стапува на сила од утре, 24 април“, соопшти МЗВШ.
Додаваат дека ЈП „Национални шуми“ ќе продолжи да ја следи состојбата со шумите и движењето на граѓаните и доколку се процени дека повторно се создале услови за ризик од шумски пожари, забраната повторно ќе се воведе. Од МЗШВ потсетуваат дека според Законот за земјоделско земјиште и Законот за ловство, забрането е палење на стрништа, плевел и други отпадоци во ловишта, и друг отпад на земјоделско земјиште, како превентивна мерка за заштита од појава на пожари и во таа смисла ги повикуваат граѓаните одговорно да се однесуваат додека се движат низ шума и да не фрлаат догорчиња и запалливи материи.