Уредбата за задолжително носење маски, марами или шалови надвор од домот е објавена во „Службен весник“ со број 107 од 22 април 2020 година. Таа стапува во сила од денеска. Заради изворно и детално информирање на граѓаните со обврските, исклучоците и казните што произлегуваат од овој акт, Уредбата ја објавуваме во целост.
Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба
Член 1
Со оваа уредба со законска сила се уредува носењето лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението, како и надзорот над спроведувањето на носењето лична заштита на лицето, за време на траењето на вонредната состојба.
Член 2
Секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
Под лична заштита на лицето од ставот 1 на овој член, се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).
По исклучок од ставот 1 на овој член, секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија, може да не ја носи личната заштита на лицето, ако:
– носи посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи
– престојува во двор на станбена семејна куќа,
– вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности,
– патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или
– се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.
Член 3
Сите домашни и странски правни лица на територијата на Република Северна Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја извршуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштита на лицето од страна на сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема од член 2 од оваа уредба со законска сила.
Член 4
Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат вршат надзор над спроведувањето на одредбите од оваа уредба со законска сила, секој во однос на одредбите од оваа уредба со законска сила, за прашањата за кои тие се надлежни согласно закон.
Член 5
Во случај на прекршување на одредбите од членовите 2 и 3 од оваа уредба со законска сила, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 април 2020 година, надлежните органи од член 4 од оваа уредба со законска сила, ќе изрекуваат писмени опомени.
Член 6
Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 2 од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 2 000 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско правно лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое одговорно лице во правното лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила.
Член 7
Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и до завршување на пандемијата со COVID 19 прогласена од Светската здравствена организација.
Член 8
Оваа уредба со законска сила влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.